Skip to content

Кројач на дами

Во животот на секоја жена има еден, барем еден маж кој бил фатален за неа. Фатален за нејзиниот дух. Фатален за нејзината душа. Па таа сфатила дека никогаш во животот не посакала ништо друго, освен него. Тој бил торнадо во нејзините мисли, грижа на нејзината совест, проклето добар и проклето лош. И колку да сакала да избега од него, магичните конци не се кинеле. Тој бил нејзин кројач, а нејзе не ѝ сметало да биде скроена по негова мерка.

Па така тој ја скроил цела. Ѝ ги скроил мислите. Или можеби таа таква била скроена, само не знаела дека таквите мисли постојат. Ѝ ја скроил душата. Или можеби нејзината душа била таква, само овој пат се огледала во огледало. Ѝ ги скроил бедрата, усните, локните од косата ѝ ги скроил. А таа само молчела. Не ѝ сметал ниту конецот, ниту боите кои ги избирал. Оти таа поубава до тогаш не била. Пошарена душата не ѝ била. Послободни мислите не ѝ биле. А можеби тој не ја нашарал. Туку сама ги зела макарите и се кроела. Тој само ѝ дал насока. Ѝ покажал како.

Така таа се скроила по негова мерка. Бесна, дива, слободна. Будалеста, ведра, намуртена. Наивна. Детинеста, а премногу зрела. Со глава полна мечти. Глава полна копнежи. И душа полна стравови. Понекогаш лута. Некогаш нервозна. Некогаш непромислена. Некогаш молчелива. Некогаш имала премногу да каже. А некогаш не знаела што треба да каже. Но каква и да била, таа избрала да се скрои за него. А токму тоа ја правело слободна. Ја ослободувало. Ја ослободувало како никогаш претходно. Па ги зела ножицитете. Ги зела макарите. Ги одбрала најсилните бои. Оти силните бои ѝ даваат сила на душата.

Можеби и тој бил скроен за неа. Сам се кроел. Таа го кроела. Или судбината ги скроила двајцата. Ама нејзе не ѝ сметало тоа што е скроена по негова мерка. Таа друга мерка за себе не сакала. Сакала да биде скроена по негово. Дури и да скроил стотици дами пред неа, нејзе не ѝ сметаше. Напротив. Уживаше.

Лина Димоска

Напишете коментар