Skip to content

Главните грешки на новите писатели

Сакате да напишете книга, но не знаете како да почнете? Патот до печатената верзија на книгата не е лесен, всушност, полн е со подеми и падови. Како нов писател што го учи занаетот, неизбежно ќе правите грешки. Тоа е во ред, но ќе ви укажеме на најчестите грешки, а тоа ќе ви помогне да ги избегнете.

Слаб вовед

Првите впечатоци се многу важни. Честопати, писателите започнуваат со долги описи на места, или тривијалности како будење од сон или зборување со себеси во огледало. Не само што ова се клишеа, туку од нив обично не дознаваме ништо за приказната на ликот. Читателот ќе продолжи да чита ако направите така, што ќе се заинтересира за ликот и неговите мотиви. Какви се ликовите и што сакаат?

Премногу податоци на почетокот

Некои податоци се добри за претставување на ликот. Но, зачувајте ги останатите за остатокот од приказната. Без разлика дали пишувате трилер, романса, драма или друг жанр, читателот треба да го закопкаат некои работи, кои ќе се обиде да ги погоди.

Недоволно истражување во жанрот

Различните жанрови имаат свои правила за бројот на зборови, возраста на ликовите и сл. Некои нови писатели завршуваат со преголеми или премали ракописи, или премиси што не баш јасно се вклопуваат во тие категории. Жанровите постојат за издавачите полеснo ги стават книтите на пазар, како и за полесно снаоѓање во книжарниците. Се разбира, последново не мора да важи доколку сакате повеќе да експериментирате и целта не ви е продажба во поголеми тиражи.

Слаб заплет

Создавањето заплет е еден од најпредизвикувачките аспекти при создавањето приказна. Без заплет, нема приказна. Понекогаш писателите прават грешки, мислејќи дека еден ред од настани е исто што и заплет. Елементите што го сочинуваат заплетот се: изложувањето, развојот на дејството, кулминацијата, запаѓањето во проблеми и решението.

Кажување без покажување

Умешноста на пишувањето подразбира и вовлекување на читателите во писателскиот свет. Наместо едноставно да им објасните што се случува, препуштете им да го искусат тоа, како навистина да се таму. Вклучете ги петте сетила: видот, слухот, допирот, мирисот и вкусот.

Слабо уредување

Новите писатели мислат дека пишувањето ќе им одземе 75% од времето, а уредувањето само 25%. Вистината е сосема спротивна. Првичната верзија не е конечна. Вистинската работа започнува кога ќе почнете да го уредувате и преиспитувате напишаното. Уредувањето не значи само исправање нелогичности или граматички грешки. Треба да внимавате на дупките во заплетот, недоследностите, текот на приказната и сл. Нацрт-верзијата може воопшто да не потсетува на конечната верзија. Честопати е корисно необјавената книга да ја прочита и некој друг и да ви даде повратен одговор.

Многу брзање за издавање на книгата

Разбирливо е да бидете возбудени кога работната верзија е готова. Новите писатели имаат обичај да го прескокнат уредувањето и да се залетаат со издавањето. Проблемот настанува кога издавачот ќе ве одбие, со што ја губите можноста за издавање, барем кај него. Не брзајте! Не заборавајте да го доведете своето дело во најдобриот можен облик, пред да посакате да го издадете.

Не читате многу книги од вашиот жанр

Додека истражувате за жанрот во кој пишувате, многу е полезно да прочитате што повеќе книги од истиот. На тој начин, ќе добиете подобар осет за стилот и пишувањето во тој специфичен жанр. Така е поверојатно дека и читателите ќе ја прифатат вашата книга.

Извор

Приспособил и превел: Симеон Јанков

Напишете коментар