Skip to content

Страв од времето – Лина Димоска

Времето тече напред,
а ти не можеш да направиш ништо
за да го запреш.
Те плаши текот на времето
оти ти се живее,
оти искри во очите имаш,
оти огнови ти горат во душата,
не тлеат, туку горат,
а луѓето со пламен во срцата како тебе
ретко се раѓаат.
Ете затоа те плаши времето,
оти не сакаш пламенот да згасне.
А имаш пламен во градите,
што можеш сите да ги стоплиш,
имаш ѕвезда на челото,
па сите во тебе гледаат
каде и да појдеш.
Луѓе со ѕвезда,
како тебе,
ретко се раѓаат.
Ете затоа те плаши времето,
оти не сакаш ѕвездата да згасне.
А имаш мечти во душата
дека еден ден ќе сретнеш некоја
слична на тебе,
со пламен во срцето,
со ѕвезда на челото.
Дури кога ќе ја погледнеш в очи
ќе сфатиш дека времето не ти може ништо.
За таквиот поглед
ќе вреди да се умре.

Напишете коментар