Skip to content

Јас од денес ќе завидувам на сè – Лина Димоска

Јас од денес ќе завидувам на сè.
Ќе ѝ завидувам на перницата
на која ја потпираш главата,
на која сонуваш нешто,
на која мечтаеш за нешто,
а тоа не сум јас,
иако длабоко во себе
посакувам тоа да не е ништо друго
освен мене.

Јас од денес ќе завидувам на сè.
Ќе им завидувам на чаршавите
што ти го галат телото,
ќе ѝ завидувам на облеката
што ја облекуваш
оти таа, наместо прстиве мои
ќе те допира,
тие наместо телово мое
ќе ти ја чувствуваат кожата
и допирот
и мирисот
и сето она по што јас копнеам,
сето она што посакувам да го почувствувам.

Јас од денес ќе завидувам на сè.
Ќе му завидувам на небото
затоа што очите твои темни
во него гледаат.
Ама ќе се тешам
оти знам дека барем во исто небо гледаме,
исто сонце кожата нѝ ја пече,
под исти ѕвезди сонуваме.
Далечни сме,
толку сме далечни,
а блиски како едно да сме.

Јас од денес ќе завидувам на сè.
Ќе им завидувам на сите оние
на кои прстите твои им пишуваат зборови,
ќе му завидувам на секој на кој ќе му проговориш,
а тоа не сум јас,
ќе завидувам на сè што ќе допрат твоите прсти,
а тоа нема да биде моето тело.

Јас од денес ќе завидувам на сè.
На сè што мислиш,
на сè што допираш,
на сè што чувствуваш,
на сè што ти паѓа на памет,
а тоа не сум јас.

Јас од денес ќе завидувам на сè,
само тебе не би ти завидела…

Јас од денес ќе завидувам на сè….

Напишете коментар