Skip to content

Пролетта е нешто во нас – Алма Шемо

  • by

Не, луѓе мои, па вие грешите. Пролет не тоа што мислите вие. Пролет не е кога никнува првото кокиче во тревата, кога времето се затоплува и сонцето почнува да нè гали со своите зраци во илјада капки роса, додека ветерот создава пријатна мелодија за слушање.

Пролет не е кога се топи снегот и се соединува со бистрите води. Не е ниту кога расцветуваат пупките од дрвјата, кои шират опоен мирис, ниту пак кога се враќаат птиците од југ и се будиме со нивната песна в зори. Пролетта, луѓе мои, е нешто сосема поинакво, нешто длабоко во нас.

Тоа не е годишно време, туку некое чувство кое се буди и во зима и во лето, при самата помисла на некого, при нечија бисерна насмевка, при нечиј поглед кога ќе се вкрсти со вашиот. Пролет е кога знаеме дека сме среќни, задоволни, исполнети, кога знаеме дека сме сакани, кога наутро се будиме со леснотија во душата и кога со насмевка го пречекуваме новиот ден.

Пролет е нешто во нас, кое никогаш нема да изумре. Ете, токму ова е пролет. И кој ваква пролет нема доживеано, ниту почувствувано, тој во животот, искрено не сакал…

Алма Шемо

Напишете коментар