Skip to content

Легендата за Македон и Ксантија, како настанале мартинките?

Ксантика (од старомакедонски: март) – старомакедонско празнување кое почнало да се слави пред 3000 години. Ова е празник на пролетта, љубовта и природата. Празнувањето се одвивало на улиците и во театрите низ програма од ора, музика и обреди. За празнувањето пишувале повеќе антички писатели како биографот на Александар III Македонски — Квинтиј Куртиј Руф, Хесихиј, Јустин и Диодор. На празникот исто така се организирале разни манифестации, културни приредби, спортски натпревари и воени дефилеа. Според старомакедонскиот календар, почетокот на годината се совпаѓал со есенската рамнодневица и прв месец бил Диј (октомври). Оттаму пак, првиот пролетен месец Ксандик (март) бил празнуван како благослов за животот кога разбудената пролетна светлина ја победува зимската темнина.

Македонски бог Македон и Ксантија

Празникот според македонскиот професор Ташко Белчев бил во чест на митот на несреќната љубов помеѓу македонскиот бог Македон и Ксантија (божица на цвеќињата), од кој се зачувани записи од VI век п.н.е Според стари преданија, богот Македон кој бил син на семоќниот бог на Диа, се вљубил до последен здив во божицата на цвеќињата – Ксантија. Но од како злите сили на некои од боговите на Пантеонот ја замениле Ксантија во цвеќе, кутриот бог Македон, секоја пролет ја барал својата прва и незаборавна љубов низ сите ливади и полиња, кај сите бистри потоци и реки, во сите цветни градини.

Празник за „измивање на душите“

Ксантика е празник во кој Античките Македонци верувале дека се случува „измивање на душите“, простување на гревовите, доминација на разбудената пролетна светлина врз зимската темнина, што ги притиска нивните души. Симбол на празникот беше црвено-белата врвка исплетена од бел и црвен конец. Од тука, нешто што е и до денес зачувано и кај нас, тоа е онаа мартинка, онаа просто волшебна црвено-бела плетенка која тогаш се провлекувала како нишка за спојување на тие луѓе за време на празникот. Белата боја во таа плетенка најверојатно потекнува како симбол на белиот делфин кој се сметал за божји дар и кој живеел само во Егејско Море, па и оттука и називот „Беломорска Македонија“. Празникот на пролетта Ксантика е многу битен за сфаќањето на светогледот на Античките Македонци, за нивното обединување и формирањето на нивната држава од страна на аргеадските кралеви.

Симболи на мартинката

Во класичниот изглед мартинката претставува засукан бел и црвен конец, најчестo волнен. Боите имаат строго определена смисла: црвено – крв, живот; бело – чистота, среќа. Традицијата е на првиот ден од март најстарата жена во семејството да врзува на рацете на децата засукан бел и црвен конец за здравје и против уроци. Затоа со мартинката се кити котлето, во кое се дои првото млеко на Ѓурѓовден; со мартинка се заврзвуваат билките од Иванден.

Мартинките се носат до појавата на првото процветано дрво

Мартинките се носат до појавата на првото процветано дрво или на првиот виден штрк,а во Македонија и до здогледување на првата ластовица. Потоа се ставаат под камен и по нив се гадае. Ако после еден месец под каменот има мравки, годината ќе биде береќетна. Во некои краишта на Бугарија со мартинки се китат и домашните животни. Понекогаш мартинката се пушта во најблиската река “за да оди, како тече реката”. Традицијата вели уште дека среќа носи таа мартинка која ти е подарена. Затоа сите си даваат мартинки (роднини и пријатели) и досега. Во Бугарија, Шоплукот и Мелничко наместо бел конец во мартинката се вплетува син конец (против уроци), а во Родопите се ставаат уште неколку бои.

Ксантика, Македонците ја преземале како епоним од името на божицата на цвеќињата, љубовта и убавината Ксантија, која според митолошките податоци постоела во земјата на богот Македон. Многу ја обожавале божицата Ксантија и во нејзина чест, тие пролетниот празник го нарекле Ксантика, а првиот месец Ксантик, кој на повеќе места се спомнува во Библијата. Се празнувала спонтано цел месец.

Прочитајте ја и Легендата за кралицата Шеба и кралот Соломон.

Напишете коментар