Skip to content

Убавината на животот – Ангела Богдановска

Постојат денови кои што се живеат будно. Свесно ги доживуваш, со целото свое битие, преку сите сетила, едноставно будно. Но постојат и денови кои што ги проживуваш како низ магла, заспано, пролазно, како твојот живот во материјалниот свет да е вечен. Но не е. Нема да го живееш вечно овој живот.

Треба да сфатиш дека немаш повеќе време за губење, животот е краток. Мора да разбереш дека сè во овој живот брзо минува и не знаеш кога можеш да си заминеш од него. Затоа живеј го животот, уживај во него, почувствувај го преку сите сетила, преку секоја една клетка на твоето тело. Вдиши ја убавината на секој нов ден, издиши ја секоја гнасотија и нечистотија од претходниот.

Да си свесен значи да живееш, а да живееш значи да постоиш, да си присутен во новиот ден и сè што ти носи, да го живееш со полн здив како да е последен во твојот живот. Свесноста дека можеби последен пат се будиш, го вдишуваш животот со сета своја убавина, гледаш, ги споделуваш своите мисли, чувства, ставови со своите блиски, ги прегрнуваш своите сакани и им велиш колку многу ги сакаш. Можеби за последен пат ги правиш работите кои те воздигнуваат, кои те прават среќен, работите во кои можеби последен пат уживаш да ги гледаш, слушаш, допираш…

Живејте го секој нов ден како да е последен и живејте го како да сте повторно родени и токму тој ден ви е првиот ден од животот. Минатото не постои, а иднината е само илузија. Постои само сегашноста. Прегрнете го денот. Прегрнете го животот. Уживајте. Живејте.

Ангела Богдановска

Напишете коментар