Skip to content

Егзекуција – Анастасија Лефкоска

Светла е катедралата,
Богородица од витражот е осветлена,
хорот за песна се спрема,
свештеникот во бело ко џелат на егзекуција.

Проклетија виси наместо темјан во воздухот,
и духот ко да е замолчен, занемен
ко и самиот тој, дел од светото, да не е спремен за она што ќе се случи.

И Божјите очи мижат и се солзат,
во Божје име луѓе, двајца млади колнат.
И не е ни чудо што во таа недела – денот свет,
наместо ко за свадба, атмосферата е за погреб.

Ко Ромео и Јулија,
само без љубов и заплет,
договорен брак – стара црна приказна.
Проклета традиција.

Зетот во црно, но со треперливи раце – исплашен.
Невестата во бело, но со отечени очи – цела ноќ расплакани.
Одоколу сватови,
проклети гадови,
души продадени, а да ги прашаш тие се најсвети.

Зетот со машна лептир – удавен,
заветен ерген од светот сокриен.
Невестата со вел венчален покриена,
начитана, со рацете в џеб навикната.

Двајцата велат “Да.”
Потврда за сопствената егзекуција,
барем така навидум изгледа.

Под тагата двајцата се смешкаат,
штом богатството го земат,
сѐ што им е на сватовите право, ќе искриват.
Дотогаш над креветот лаванда ќе виси,
зошто кој е подобар од најдобриот пријател за ваква измама, нели?

Од “Дневникот на една будала”

Напишете коментар