Skip to content

Каков ангел би бил? – СП Апостол

  • by

“Зашто, кога ќе воскреснат од мртвите ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, а се како ангели на небесата.“  (Марко 12, 25)

Утехо над утехите, ќе воскреснат од мртвите и смртта нема да ја извојува победата и нема да ги остави оние кои ги однесе да гнијат вечно во црната земја; и ќе бидат како ангели на небесата. Ќе имаат ореол по кој ќе се диференцираат од луѓето. И кој нема да биде единствена разлика ако се спомене онаа поголемата карактеризирана со нивната совршеност. Ќе имаат и крилја со кои ќе наликуваат на птиците и авионите, но ниту оддалеку ќе ги користат наменски како нив, посебно заради брзината која им е потребна да помогнат. И на крајот ќе бидат беспрекорно послушни и потчинети на Создателот, но не од човечки манири и затскриени страсти туку сѐ поради и сѐ заради љубовта. Таа единствена движечка сила на нивните невидливи клетки.

Смртно заљубен во својата неидеална половина и длабоко уверен во задгробниот живот, често се запрашував дали она црквеното или филмското “додека смртта не ве раздели” е навистина причина за крај на соживотот со личностите кои ги љубиме и скоро никогаш не сме подготвени да ги загубиме, односно не бидеме повеќе заедно. Да не бидеш заедно, доста сурово звучи не само кога е факт за целосна одделеност во подолг период или целата вечност, туку и кога се случува како просторна  дистанца на еден обичен појадок. Временска дистанца поради фалшивиот часовник во еден стресен работен ден или пак растојание кое се создало поради банална караница. Да не бидеш заедно, едноставно кажано е да се негираш во постоењето во светот кој ја сожалува личноста без идентификуван идентитет. Со променливи чувства и долгорочна носталгија по минатите спомени.

Смртно загрижен и за останатите ближни ме тераше да размислувам за она што не би можел да го сфатам и прифатам на еден неслучајно обичен, земски начин. Со недоволно високо ниво на мудрост за која е потребна долгогодишна посветеност за да би се осознало барем колку една најмала честичка. Така и заглавив во лавиринтите на тагата која ме распрашуваше и веднаш сама си одговараше недочекувајќи ги моите надежи дека и покрај ангелската униформа која ќе ја имаме сепак ќе добиеме алармантен повик од срцето кога ќе сретнеме некого кого сме го познавале на земјата, бил наш содружник во некоја пијана толпа на кафеанска маса. Бил наше крвно сродство или уште повчудоневидувачки бил наше чедо, со иста лика и параметри во ДНК тестот.

Целата дискусија ако варираше на моменти поради неможноста да продолжат односите кои постоеја во оваа сегашност и после воскресението, верувам ќе кулминира кога ќе се разгледуваат размислите за тоа каков ангел би бил. Гојазен и мрзелив ако веќе постојат такви карактерни особини и во ангелскиот род. Или заблуден перфекционист и пацифист кој со ненасилен отпор се обидува да го разбранува океанот, далеку од крајбрежјето. Вљубеник во правдата гледана преку тапа диоптрија и неразумен судија кој пресудил без доказни материјали, се исто така обележја кои се сомневам дека би му доликувале на еден ангел. Дури и увереноста во познавањето на Писмото нема да биде од голема корист кога ќе се набројуваат делата.

Можеби огнената желба да сум близу до Бога некако ќе ме квалификува за оваа должност и ќе овозможи да бидам барем прислужник во прво време. Силно изразената потреба за спокој, прва благодат на Небото, е исто добра препорака да бидам тоа, макар и после долгогодишна обука. Всушност и кога знам дека не би бил добар ангел, не можам, а да не ја посакам таа улога во бесконечноста.

СП Апостол

Напишете коментар