Skip to content

Среќен 8 – ми Март – А. Лефкоска

8 – ми Март. Ден на една голема победа за женскиот род. Добиена битка од една војна што воопшто и не би требало да постои, ама ајде тргнати сме вака, вака и ќе се избориме во патријархалното општество.

Има многу работи да кажам, поготово денеска и има многу начини, стилски културни и некултурни на кои сакам да се изјаснам, ама нема еднаш во животов нема да комплицирам па моето искажување ќе оди некако вака:

Среќен празник жени мажени – немажени.
Среќен празник жени со деца – без деца.
Среќен празник жени со кариера – без кариера.
Среќен празник вештерки, медузи, феминистки и самовили, писатели и  професорки, артисти, музичари и научници. Светот без вас немаше да е ист.
Среќен празник мали и големи жени. Среќен празник без разлика на вера, нација, ориентација. Среќен нека е празникот на родот, на борбата, на победата.

Среќен празник да, ден за славење е ама војната не е уште завршена. На добар пат сме, чекор по чекор само па, можеби и ние еден ден без страв в парк навечер ќе можеме да шетаме. Можеби еден ден нема да ги стегаме клучевите в раце и нема да мораме да одиме во толпа во веце. Можеби, само можеби во иднина нема да мораме да ги чуваме пијалоците ко непријатели на банкет во ноќните клубови.
Можеби, ако вака продолжиме ќе нѐ сфатат сериозно кога сме на чело на конференциската маса и нашите оправдани чувства нема да се нарекуваат хистерија.
Можеби, само можеби ако не ние, нашите ќерки ќе ја добијат војната.

Засега.. Засега в раце ружата,

в грло душата,

на лице насмевка,

в гради револуција,

в мисли за еднаков свет глад,

а засега…

Засега среќна една победа,

среќен 8 – ми Март.

Напишете коментар