Skip to content

Секоја капка спомени – А. Лефкоска

Секоја капка спомени ми стои во чашава вино црвено,
со песните на Балашевиќ пуштени на најјако.
Каде отиде ѕвездо моја животов?
Животов – коцка – тркало,
ко вчера да беше десетто,
денеска дваесто лето.

Секоја капка спомени ми тече низ грлово,
ко крв низ вени темноцрвена,
капката спомен еден само в грло останува,
спомен на љубовта прва – вистинска.

Да се умре? Да не се умира.
Да се трезни? Со вино да се заспива.
Во виното е вистината, ама и тагата и љубовта,
со вино в раце нема бегање од душата.

Капки, капки спомени,
ко бршлен растат,
спомен за спомен ко виолина жалат,
овој ум, тој живот го бараат.

Трагаат по временска машина и вино слатко од јагода,
топол дом, љубовта прва и пита од јаболка,
трагаат капките спомени по бајката реална – одамна изгубена,
трагаат капките спомени од вино направени, градина за самовили и заљубени разбудена.

Од “Дневникот на една будала”

Напишете коментар