Skip to content

Чаша на горчливоста – СП Апостол

  • by

“И велеше: Ава Оче! Сѐ е можно за Тебе; отклони ја од Мене оваа чаша; но не како Јас што сакам, туку како Ти.“ (Марко 14, 36)

На колку чаши сте наишле во животот кои би требало да бидат испиени, но и истурени доколку сте имале можност. Секако предмет на разговорот не се оние полни со пијалак со кои се завршува со малку или повеќе турбуленции во желудникот и ориентацијата и се сѐ сведува на тоа, па следува многу кратко жалење и главоболка… Темата се вистинските чаши, оние кои бараат вистински одлуки, и кои доколку се испијат ќе повлечат колебање или благодарност за тоа, или доколку се избегнат ќе доведат до сомневање и каење после тоа.

Вистинските чаши се полни со животни случувања кои не можат скоро никогаш да се предвидат, понекогаш се непосакувани во мигот на понудувањето, често се прифаќаат со обете раце, а подоцна се проколнуваат со обете усни, ретко се посегнува по нив кога се полупразни поради ефектот на оптимистот кој вистински ги доживува само полните… Но, кој знае која чаша е вистинска?

Онаа полна со богатство би требало да е вистинска. Или онаа со убавина, лесен живот, насмевнато утро, профитабилен ден и опиена вечер. И онаа со егзотични авантури и будење од стогодишен сон со бакнеж од принц. За жал овие чаши само однадвор делуваат како беспрекорен избор, додека уште после првата голтка ќе се почувствува горчината на внатрешноста и нејзиниот пелин ќе ги сведе големите очекувања на потиснати физиономии со киселкав изглед. Нивните содржини ја немаат онаа вистинска вредност која ќе може да одолее на забот на времето и само ќе им ја овозможи улогата на привремени придружнички со сјај додека дозволува појавата на мракот.

Онаа полна со скромна неистакнатост би требало да не е вистинска. Се карактеризира со чесност, трудољубивост, искреност, познавање и комуницирање само со вистината, заљубеност во ближниот, а не во самиот себе, саможртва за среќата на другите. За жал овие чаши однадвор делуваат како погрешен избор, но само по првата отпиена голтка ќе се почувствува мелем кој ќе овозможи заборав на сите понижувања и од животот и од човекот, и невидлива подршка од Силата спознаена само со вера кон нешто што е над нашето поимање.

Тоа се такви вредности кои не се плашат да се спротистават на торнадо на бришан простор, лав во арена и сатански ветувања, длабоко свесни дека поразот нема да ги уништи туку закрепне до бескрај. Тоа може да го поседува само оној што паднал, го прифатил фактот дека тоа е дното и дека не постои подолно ниво од бездната и одлучил да стане, и тоа да го стори во кожата на новиот човек.

Оче, сѐ е можно за Тебе; отклони ја од мене оваа чаша. Не сакам да бидам несреќен, разлигавен од солзи во темните ноќи, завидлив по сопственоста на другите, лош фалсификат на современите трендови. Сакам да бидам лудо заљубен, среќно оженет, доходовно вработен, семејно ситуиран, насекаде прошетан, никаде исмеан, секогаш почитуван, никогаш навреден. Отклони ја од мене оваа чаша и донеси ми друга по рецептот во кој верувам и се заколнувам.

Оче, сѐ е можно за Тебе; отклони ја од мене оваа чаша, но не како Јас што сакам, туку како Ти. Знаеш Ти што е најдобро за мене, подобро од моиве очи кои не гледаат подалеку од сега. Што ако бев несреќен вчера, кога ќе помине, утре послатко ќе се смеам. Зошто плачам сега кога секоја солза ќе биде бисер во местото каде добрината е загарантирана на пиедесталот. Кому се жалам кога зборовите ми се враќаат како ехо, но со нов призвук на она што не е секогаш како што изгледа. Кога ќе го сфатам тоа дека после она што нема да го добијам денес стои сто пати повеќе во Твојот дом. Оче, не ја отклонувај оваа чаша, ќе ја испијам сега со сета нејзина горчливост за да во она што си ми го ветил ја искусам сладоста до бесвест.

СП Апостол

Напишете коментар