Skip to content

Митот за Медеја

Медеја (грчки: Μήδεια) е жена од старогрчката митологија. Таа била ќерка на кралот Ејет од Колхида, внука на Кирка, правнука на богот на сонцето Хелиос, а подоцна сопруга на јунакот Јасон, со кого имала две деца. Во драмата на Еврипид Медеја, Јасон ја остава Медеја кога Креонт, кралот на Коринт му ја нуди својата ќерка за жена. Трагедијата зборува за тоа како Медеја се осветила на својот сопруг за предавството. Талентот за правење магии го добила од божицата Хеката.

Му помогнала на Јасон

Божиците Хера и Атина ја избрале Медеја да му помогне на Јасон, кој бил избран меѓу 50 јунаци да заплови кон Колхида по златното руно. Тоа руно му припаѓало на нејзиниот татко Ејет, кој не сакал да се откаже од него. Итрите Хера и Атина распламтеле љубов во срцето на Медеја за Јасон.

Кога Јасон дошол на Колхида, тој се најавил кај кралот Ејет и замолил да го добие златното руно. Ејет ветил дека ќе му го даде ако успее да ора со железен плуг ставен на огнените бикови на Хефест, и да сее со забите на светиот змеј од богот Ареј. Само Медеја можела да му помогне да го исполни тоа.

Откако го зеле златното руно, Јасон и другарите ја зеле со себе и Медеја. Се вратиле во Јолк, каде се венчале. Медеја му се осветила на кралот Пелиј, кој во отсуство на Јасон, го убил целото негово семејство. Пред неговите ќерки покажала магија: исекла на парчиња стар овен, и потоа го претворила во младо јагне. Ќерките на кралот сакајќи да го подмладат татка си, го исекле на парчиња, но Медеја одбила да го оживее. Поради ова, синот на кралот ги протерал Медеја и Јасон во Коринт.

Во Коринт, кралот Креонт му ја понудил на Јасон својата ќерка, а овој прифатил. Медеја во напад на љубомора, на идната невеста ѝ подарила фустан кој според една верзија бил отровен, а според друга пламнал во оган. Невестата и нејзиниот татко се убиени и во двете верзии. На својот сопруг Јасон, пак, му се осветила со тоа што ги убила своите деца што ги родила од него, но според друга верзија, децата умреле по несреќен случај. Сепак, децата се умрени, а Медеја заминува на огнена кочија во Атина. Таму на кралот Егеј му родила син, но кралот ја протерал затоа што се обидела да го отруе Тезеј. Со својот син заминала за Азија, а подоцна се вратила на Колхида, каде го убила својот стрико кој ја презел власта од Ејет, нејзиниот татко.

Медеја (Еврипид)

„Медеја“ е трагедија од Еврипид, која се вбројува во редот на неговите најдобрите драмски остварувања. Во неа писателот на уверлив и потресен начин ја изнел проблематиката на љубовта и моралните одговорности во бракот. Во оваа трагедија го преработил митот за Медеја на свој начин, правејќи потресен заплет.

Делот од митот што е опфатен во оваа трагедија, Еврипид го претставил вака: Медеја која му го спасила животот на Јасон, а потоа побегнала со него, не може да поднесе тој да ја напушти и повторно да се ожени со ќерката на коринтскиот крал Креонт. На Медеја ѝ било одредено да оди во прогонство, но децата да останат. За да ја наговори да си замине, Јасон ѝ ги нуди и децата, и богатство и секаква друга помош. Се обидувал на сите можни начини да ја оствари својата нова љубов. Но, Медеја ги одбива сите негови понуди, а во душата кова двојна освета.

Во тоа време низ Коринт случајно минува кралот Егеј. Тој на Медеја ѝ нуди гостопримство во Атина, и таа прифаќа. Со волшебен венец и отровен фустан ја убива ќерката на Креонт, а потоа ги убива и децата по тешка душевна борба. Доаѓа Јасон, а Медеја со мртвите деца одлетува на змејско возило.

Прочитајте го и Митот за златното руно.

Напишете коментар