Skip to content

„Запишано во ѕвездите“ од авторката Паринуш Сание

  • by

Патот на вистината е борба, како и оваа книга што го здогледала светлото на денот (на насловната пишува *забранета)Зошто? Зошто едно општество еден народ има потерба  да ја потисне вистината за битисувањето на жената кое е неизвесно од почетокот па сè до крајот на оваа книга како и во вистинскиот свет.

Со оваа книга дејсвото се одвива во Иран, а главниот лик Мазума ни ја прикажува моќта на една жена која колку повеќе е спречена во само-себе-докажувањето и пркосењето на религиските и општесвените норми станува сè посилна во борбата за нормалниот живот. Случувања се кога во Иран беснее револуција, се умира на секој чекор, се осудуваат оние кои се револуционери, се борат за човекови права и стануваат маченици. (Прерано им завршуваат животите …некои се само деца).

Но паралелно со настаните главниот лик Мазума живее со сета таа беда и неправда …која ѝ е наметната уште при првиот обид кога ќе посака да се запише на факултет и кога искрено ќе се вљуби во Саид. Сето тоа ѝ е одземено од нејзината фамилија која присилно и договара брак со човек кој не го сака. Заради тоа ќе биде брутално претепана од своите браќа.

Нејзиниот живот продолжува да биде борба покрај несериозниот и заталкан Хамид кој на моменти ѝ се потсмева заради нејзината неукост за да дебатира за револуционерните идеи. Таа му раѓа три деца кои ги расне сама со помош на нејзините роднини кои во клучните моменти ќе ја остават сама да оди по танкиот мраз. Сето тоа не може да го помине без Парвана која ѝ е најголем подржувач во сè, гледајќи се себеси преку неа, како и себе си да си помага.

По смртта на Хамид кој го спасува повеќе пати, емоционално и духовно се крева до совршенство заради нејзините деца, кои на крај ќе покажат неблагодарност спречувајќи да биде со единсвената вистинска љубов.
Една прекрасна со убав краснопис извезена мисла стои на некој ирански ѕид: „СЀ ШТО НЕКОГАШ СУМ ПОСАКУВАЛА ГО ПОСТИГНУВАВ ТОГАШ КОГА ПРЕСТАНАВ ДА ГО САКАМ…“

Можеби судбината на секој од нас е предодредена, нам ни е наменета и нема да се промени ни ако небото се спушти на земјата. Можеби овде се крие насловот на книгата треба да се симнат ѕвездите и сè да се запише. На крај сите ќе се запрашаме: „Кои сме? Колку пати почнуваме од почеток ? Кога сме работеле само за нас?“

Дали сме имале потполно право да избираме како мајки, жени,човечки битија кои спасот го наоѓаат во љубовта? Вреди да се прочита за лична самодоверба и да се пронајде задоволство во своето битисување. Ако животот ви даде прачки, сплетете кошница.

Николина Ќорвезироска

Напишете коментар