Skip to content

Иван Антоновски е добитник на наградата „Антево слово“ за 2020/2021 година

Лауерат на „Антево слово“ за 2020/2021 година е Иван Антоновски за стиховите насловени „Нека биде запишано“.
Жири-комисијата на „Антево слово“ 2020/2021 година – Сицилија, Италија, во состав: Геро Ла Векија, Митко Гогов, Драгана Евтимова, Александар Поповски и Жорж Поповски, по разгледување повеќе од 120 пристигнати дела за првонаградената песна кажаа:

„Познато е дека Анте Поповски како есеист многу често се занимавеше со археологијата на зборовите откривајки ги првите поетски објави уште кај нашите монаси во средновековието. Тој се обидуваше да ги одгатне, дооформи и дешифрира празнините во тие први објави на поетското кај нас. Дали намерно или како коинциденција, сеедно, песната со која Иван Антоновски учествуваше на годишниот конкурс „Антево слово“ насловена „Нека биде запишано“ се поклопува со таа пасија на Анте, односно со истражувањето на археологијата на зборот.

Таквото истражување на епитафите и јазикот на претците кој полека бледнее и му се губи трагата ја симболизира нашата генеза, но истовремено и напуштањето на домашното огниште и исчезнувањето на традиционалните вредности. Песната „Нека биде запишано“ на Иван Антоновски сe истакнува по неговиот оригинален пристап на толкување на веќе позната и надалеку обработувана тема: релацијата помеѓу нас и претците но и помеѓу помладите генерации.

Колку колективното искуство и знаење во тој генерациски триаголник се  пренесуваат од едни на други и каков е односот на единката кон колективот, кон неговата оставнина? Поетот говори за една новоконструирана историја во која се проткајува духот на Анте и се насетуваат неговите јанѕи за македонската судбина.

Празните места во текстовите на надгробните плочи кои лирскиот субјект се обидува да ги прочита, говорат дека тука продрела ентропијата; во комуникацискиот канал помеѓу покојните и живите се појавил комуникацискиот шум кој, лирскиот субјект се обидува да го надвладее и повторно да ги впише исчезнатите зборови и годините, повторно да го воспостави – преку една временска вертикала – прекинатото општење со претците, да го спречи отуѓувањето.

На тој начин испишува една современа сага за нашиот народ и алармира за неговата можна судбина. Колективната меморија на македонскиот народ е збогатена со антологиска песна која е своевиден темел на нашата борба за опстанок, овде и во светот.“ – пишува во образложението

Меѓународниот конкурс за поезија „Антево слово”, одржан по четврти пат, распишан од Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ („Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia“) во соработка со здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“.

Наградени автори на „АНТЕВО СЛОВО“ 2020/ 2021- Сицилија, Италија се:

Прва награда

Иван Антоновски – „Нека биде запишано“

Втора награда

Виолета Танчева – Златева – „Стакло“

Трета награда

Ива Дамјановски – „Остров“

Кристина Камплоне – „Роден сум“ (Италија)

Специјална награда

Билјана Станковска – „Црно око“

Бери Картер – „Соништата на притвореникот“ (САД)

Млад автор

Ведрана Петрова – „Исповед“.

Наградените автори ќе бидат застапени во новата антологија на Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“.

Наградената песна

„Нека биде запишано“

Чекорам по патот по кој одамна

не чекорел ни поп, ни оџа

– одам на гробиштата

во селото на дедо ми.

Не носам цвеќе и свеќи

– има закон со кој е забрането

да им се оддава почит на предците.

Носам само хартија и пенкало

за да ги препишам епитафите

вдлабени во надгробните плочи,

пред да бидат прогласени за ненапишани.

За напишаното да им го оставам

на моите неродени внуци

– да го знаат ако некогаш

таму, врз коските на прадедовците,

некој изгради нова престолнина,

за која ќе се вели дека е

постара од нашите презимиња.

Гледам како безброј авиони

прелетуваат над гробишта

обраснати во трње.

Одамна овде не прелетало јато птици.

Ниту гаврани, ниту ластовички

кои заминуваат кон југ.

Одам од една до друга

искршена камена плоча.

Ги нема имињата, ги нема епитафите…

Некој се обидел да ги избрише

имињата и родословите

на небезимените јунаци.

Останале неразбирливи вдлабнатини

– лузни врз камењата од кои

е изградена куќата во која

е вдомено нашето постоење.

Сепак, врз камените плочи

има нешто – останало

да биде неизбришливо.

Го препишувам.

На истиот лист хартија

ги запишувам и имињата и годините

кои веќе ги нема на плочите.

Ги знам од учебниците по историја

од кои никогаш не сме учеле.

Нека биде запишано…

Можеби ќе го прочитаат

моите неродени внуци,

пред да се качат во некој од авионите

кои прелетуваат над селото на дедо ми.

Гари, јуни 2018 година

Напишете коментар