Skip to content

Живот како во сон, будност и заспаност

Антони Де Мело некаде преведен кај нас и како Ентони Де Мело напишал цела книга околу “будењето“, како тоа многумина спијат и не сакаат да се разбудат. Еден период од својот живот мислев дека живеам како во сон. Не дека во животот ми цветале рози, напротив, туку тоа чувство би го опишала како носење превез на очи. Кога наоколу гледаш нејасно, малку матно и со потешкотии.

Најверојатно будењето е подолг процес кој некому се случува порано, а некому подоцна во текот на животот. Некој пак никогаш не се пробудува целосно, бидејќи одбива да го направи тоа. (Не се мисли на спиење како физиолошки процес, туку на еден вид состојба на умот). Де Мело повикува на будење, но не гарантира дека тој може да помогне во будењето.

Се враќам назад во опис на миговите на заспаност. Што значи да се биде заспан? Мојот личен став и само една опција е дека значи да не ги гледаш нештата околу тебе целосно. Како еден вид површно гледање, а не вистинско согледување.

Друга опција е дека не си искрен ниту пред себе ниту пред другите, како еден вид заспаност пред вистината. Уште една опција би била кога не ги прифаќаш нештата онакви какви што се и упорно посакуваш да било поинаку. Несогледување на рационален значин и дури отсуство на емоции, а не претерана емоционалност. Добро е додека постои свесност дека во некој период сме биле “заспани“. Уште подобро е кога ќе си го признаеме истото пред себеси. Бидејќи само тука постои простор за растење и конечно пробудување.

Нема да се расфрлам со психолошка терминологија во оваа статија, бидејќи ми е замислена како колумна. Не е научен труд во кој треба да се дојде до некое откритие или да се докажат и потврдат некои научни факти. Вистината е дека сакав да зборувам накратко за оваа книга, но не сакав да биде во вид на класичен осврт. Изнесувам мои ставови, но инспирацијата е од таму. Де Мело ќе рече дека луѓето се (парафразирано) “преплашени од будењето и затоа одлучуваат никогаш вистински да не се разбудат“.

Секој од нас има свои причини за сè во животот, како и за изборите што ги правиме. Аналгоно на тоа дали ќе погледнеме со ширум отворени очи без перде (народски кажано) или ќе подзамижеме останува наш личен избор. Да, многупати сум погледнувала половично необрнувајќи внимание на нештата околу мене. Сега од оваа перспектива (можеби од некоја целосно будна состојба) се обидувам да гледам целосно вклучувајќи ги сите сетила.

Во оној момент кога ќе погледнеме за вистински да видиме, а не само да гледаме, си допуштаме да го видиме она шо нè опкружува во вистинско светло. Обрнуваме внимание и на птиците на гранките или покривите, но и на вистинските бои на денот. Живееме во период кога полека сè е на некој начин подзабавено, па велам за многу работи навистина може да се почека. Освен за најнеопходните, сè друго е еден вид луксуз или невнимателност.

Периодот од една година беше извонредна прилика да видиме до каде сме. Не само што луѓето почнаа на некој начин поинаку да гледаат на себе, на своето здравје и на нивните најблиски, туку и на целиот свет и општо на животот. Дали се “пробудија“ и престанаа да пружаат отпор кон будењето? Свртувајќи се кон себе многу прашања се раѓаат сами по себе, но и се добиваат многу одговори.

Дали сме заспани, будни, полузаспани, полубудни или разбудени? Можностите и опциите се оние кои самите ги создаваме. Уживајте во процесот на вашиот личен развој, не се плашете да погледнете со ширум отворени очи. Денот може многу да ни понуди ако знаеме да го искористиме како што треба. Бркајте ги своите соништа, будни остварете го она за коешто свесно го сонувате и посакувате.

Наталија Наумовска

Напишете коментар