Адам Загајевски – Предмет: Бродски

Полскиот поет Адам Загајевски, лауреат на Струшките вечери на поезијата во 2018 година, почина вчера, токму на Светскиот ден на поезијата 21 март.

Загајевски (Лавов, 21 јуни 1945), е еден од најголемите полски и светски поети, новелист, преведувач и есеист. Во 2004 година бил награден со Нојштадската меѓународна награда за литература, во 2016 со Грифиновата поетска награда за животно дело, во 2017 со Наградата на принцезата на Астурија за литература и во 2018 година со Златниот венец на Струшките вечери на поезијата.

Предмет:Бродски

Молам да се запише: роден во мај,
во влажен град (оттаму мотив: вода),
наскоро потоа под опсада на армија,
чии офицери носеа во ранците
том од Хелдерлин, но, нажалост, немаа
време за лектири. Премногу работа на терен.
Тон – сардоничен, очај – вистински.
Постојано на пат, од Мексико до Венеција,
љубовник и говорител кој неуморно
агитира за својата непрактична партија
(нејзиното име: Поезија versus Бесконечност,
или ПВБ, ако некој претпочита скратеници).
Во секој град и во секое пристаниште
имаше свои агенти; понекогаш пееше стихови
пред ентузијастичката толпа која ништо
не разбираше – потоа уморен, палеше голоаз
на бетонскиот кеј а галебите кружеа над него
исто како над Балтикот, дома.
Преголема интелигенција. Омилена тема: времето
versus мислата, која гони фантоми,
ја оживува Марија Стјуарт, Дедал и Тибериј.
Поезијата требаше да биде како коњските трки:
коњите се диви, јавачите – од мермер,
целта – невидлива, се губи во облаците.
Молам да се запамети: иронија и болка;
болката одамна живееше во срцето
и сè повеќе растеше – толку,
колку што секоја елегија напишана од него
го љубеше егоистично и сакаше,
токму тој да биде нејзиниот херој –
но, Ве молам господа – трпение,
привршуваме – навистина не знам,
како да се изразам: нешто како нежност,
и насмевка, сосема срамежлива,
моментот на колебање, мекоста,
кратката пауза во аргументирањето.

Превод од полски јазик Звонко Димоски

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?