Skip to content

Зафир Хаџиманов – животопис и творештво на амбасадорот на македонската култура

Зафир Хаџиманов е роден во Кавадарци на 25 декември 1943, а почина во Белград на 27 март 2021 како последица на инфекција со вирусот Ковид-19. Тој беше македонски пејач, композитор и поет.

Живтопис

По таткова линија, Зафир Хаџиманов потекнува од Кавадарци, додека по мајчина линија е скопјанец. Неговиот татко, Васил Хаџиманов, бил првиот во семејството кој започнал да се занимава со музика уште од неговите средношколски денови во Велес. Подоцна, тој се запишал на фармацевтски факултет во Белград, но го напуштил и се запишал на Вишата педагошка школа во Скопје, отсек музика, по што својот животен век го посветил на фолклористиката.

Зад себе, Васил Хаџиманов оставил над 5.000 записи од македонски изворни песни.

Зафир Хаџиманов дипломирал на Факултететот за драмски уметности во Белград, во 1967 година. Тој речиси целиот животен век го поминал во Белград, во брак со една од најпознатите југословенски пејачки Сенка Велетанлиќ – Хаџиманов, со која го имаат синот Васил Хаџиманов кој е познат џез-музичар.

Творештво

Хаџиманов е автор е на стихозбирките „Шансони на хартија“, „Азил“, „Народен пејач“, „Пес-Пејачка“ и „Брат“, објавени на македонски и на српски јазик. Исто така, тој играл главни улоги во неколку филмови, како, на пример, „Македонска крвава свадба“.

Зафир Хаџиманов е носител на повеќе награди и признанија на фестивали за поезија и музика, меѓу кои на Струшките вечери на поезијата, во 1975 година и на Интернационалниот фестивал на шансони во Загреб, во 2003 година.

Од бројните песни што ги испеал, најпознати се: „Како Вардар“, „Љуби ме и главата горе“, Од љубов не се бега“ итн. По повод 55 години од неговото музичко творештво, на 28 ноември 2014 година бил промовиран неговиот компилациски албум со 19 песни. Бил во тираж од 10.000 примероци, а на 3 декември бил дистрибуиран како подарок, во склоп на списанието „Теа модерна“.

Проектот бил поддржан од Министерството за култура на Македонија, а издавач на албумот била продукциската куќа „Пасворд“.

Во 2007 година, Зафир Хаџиманов бил промовиран во почесен амбасадор на културата на Македонија во Србија.

Хаџиманов има учествувано на многу фестивали во земјава и надвор од неа. Уште од далечната 1965 година настапил на фестивал во Загреб. Ги има отпеано некои од најголемите македонски евергрини. Слава му!

Во продолжение неговите најпознати песни.

Напишете коментар