Skip to content

Луѓе – сонца

Има некој луѓе, како сонца. А вие точно знаете на кои луѓе мислам. Некои непознати странци, чии насмеани очи во толпата ви будат насмевка и вам. Некој случаен минувач, со кој ќе се разминете, а неговата енергија ќе ви предизвика насмевка. Некој познаник, по која средба не престанувате да сте насмеани, а не знаете зошто се смеете. Некој пријател, кој додека гледате како чекори кон вас, не можете насмевката да си ја тргнете од лицето, оти тој од убавина зрачи. Не физичка, туку некоја чудна, необјаснлива убавина. Убавина што шири насмевка, топлина, светлост. Таква убавина има само сонцето. И некои луѓе кои зрачат како сонца.

И ваквите луѓе не можат да станат сонца сами. Оти сонца создаваат само сонца родители. Кои си ги опсипуваат децата со љубов, со грижа, со внимание. Сонца создаваат само мажи и жени што зрачат како сонца. Сонце човек се раѓа. Не се станува. И од овие луѓе ќе слушнете како со леснотија поднесуваат сè. Не оти им е навистина лесно, но која е поентата ако се жалиме дека е тешко? Ќе ги сакате. Ќе сакате да сте со нив оти пријатно ви е. Топло ви е. Тие се грижат за вас и во вас будат позитивни емоции. Зрачат. Ама некогаш и ќе им завидувате. Ќе им завидувате на блесокот. На нивната аура. На сето она што околу нив дава чувство на пријатност. И ќе се прашате што е она што тие успеале да најдат низ животот, а вие не?

Љубов и страст. Најсилни движечки сили. Тие наоѓаат слатко задоволство во утринското протегнување в кревет. Со љубов варат кафе. И не им е лесно. Можеби им е сто пати потешко од вас, ама се заљубиле во животот. Во пролетните цветови. Во есенскиот дожд. И знаат дека најубавите нешта се бесплатни. Оти во спомените им навираат само мигови, мигови од зборови, насмевки, планови, погледи….а не од скапи предмети.

Овие луѓе сè зачинуваат со страст. Ако нештата ги прават без страст, за нив нема поента ниту да ги прават. И не знаат да стават цена на ништо. Оти знаат дека најубавите работи на светот немаат цена. Бесценети се. За нивната вредност нема валута. А за луѓето како сонца единствена значајна валута е љубовта. И не може сите да сме сонца. Некои од нас ќе се небо. Некои ѕвезди. Некои мрачни, темни, тмурни облаци. Ама ако познавате човек – сонце, држете го блиску до себе. Ќе ве згрее, ќе ве стопли, ќе ве насмее. Ако не сте сонце, сонце нема ни да станете. Луѓето сонца се создаваат само од такви родители.

Напишете коментар