Skip to content

Знаеш што боли најмногу?

Боли тоа што се преправам
дека не те познавам,
а никој не знам подобро од тебе.
Ни себеси јас не се знам,
вака како што те знам тебе.
Ете тоа боли.

Боли и тоа
што со едната дланка се бранам,
а со другата
душава пред очи ти ја соблекувам,
се разголувам, како пред ниту еден,
па се правам дека не сакам,
а горам,
горам од жеба за и ти
да ја соблечеш душата пред мене.
Ете тоа боли.

Но знаеш што ме боли најмногу?
Ме боли тоа што се правам силна,
што уште крепам,
што уште издржувам.
Ме болат маските што ги носам,
лажните перја, со кои се китам,
ме болат и мирисите,
оти јас сакам единствено
на тебе да мирисам.

Ме болат сите зборови
што в грло ми застануваат,
ме болат сите солзи
што очиве не ги исплакуваат,
ме болат плеќиве
од теретот што на душава ѝ тежи.

Ама најмногу ме боли тоа
што се плашам на светот да му покажам
колку сум мека,
колку сум кршлива,
колку сум ранлива,
слаба колку сум…
Најмногу ме боли тоа
што се плашам да покажам
колку чувствувам,
какви бури ме преплавуваат,
какви битки водам во себе.

Најмногу ме боли тоа
што се плашам да покажам дека сум човек…
Како сите…

Напишете коментар