Skip to content

Сакам – Јелена Ѓиноска

  • by

Сакам додека те гледам како го осветлуваш мракот

Додека мојата душа тоне во замрзнат мрак

Во кој секоја пукнатина ја чувствувам на телото

И кога го допирам дното светлината ме носи кон излезот од бунарот

Кој го затворам со моите солзи во него

И заминувам, оставајќи го да ги испие земјата сите болки кои ги оставам во него.

Некој ден ќе дојдам кога времето ќе изникне рози во мое име

Кога моите солзи ќе бидат претворени во неколку трња и убави бели рози

И тогаш знам сите ќе се восхитуваат на нив не забележувајќи ги нивните трња

Без сознание за нивниот раст

За болката од која што никнале.

Сакам додека те гледам како од ништо создаваш нешто

Со своето тивко достоинство

Давајќи боја во моето сивило

Во кое некако и учам да живеам

Без бои.

Но кога ги здогледувам сите тие бои,

Моето срце копнее по уште

Моето око ја бара светлината од виножито после неколку дена тмурност и дожд

Толку многу навикнато да наоѓа утеха во мирисот и смиреноста на дождот

Веќе копнее по разиграноста на твојот дух

кој црта виножито низ моите секојдневни и мрачни работи

Уморно копнее по боите кои ги внесуваш

Светлината со која разиграно ја истураш врз овие четири ѕида

Сакам додека те гледам

А брзо се заморувам од човековата фигура

Од нивната млитавост

И безживотниот тон на нивниот глас

Од нивната мрачна аура

И нивните уморни очи

Во кои гледам веќе одамна умрен дух

во тело кое како да работи по механизам

Од нивните површни одлуки

И краткотрајни желби и утехи

А најмногу се плашам од мојот одраз во огледалото

Да не откријам дека сум се претворила од една од нив.

Затоа сакам кога твојот дух го крева мојот дух до небеста

И не му дава да згасне

Ја сакам разновидноста на боите кои твојата душа ги носи.

Но најмногу од сè ја сакам светлината која ја оставаш кога си одиш

И така знам дека навистина некои луѓе кај и да одат оставаат светки.

А јас тие луѓе ги викам ангели.

Наши мали слатки ангели

Кои нè будат од сонот кој некако се претворил во реалност без да забележиме

И некако како да се будам од лош сон со насолзени очи и насмевка

Затоа што сакам да те гледам

Но најмногу од сè сакам кога истиот тој одраз го гледам во огледало.

Јелена Ѓиноска

Напишете коментар