Skip to content

Изгубен во неа

Животот започна со неа. Оти со неа стравот заврши. Заврши стравот дека таквите како неа не постојат. Заврши стравот дека не останале ведри девојки. Затрупани во грижи. Во проблеми. Исплеткани во мисли без почеток и крај. Ама ведри. Насмеани. Некои што со насмевка сè поднесуваат. Ама не се плашат. Ситни се. Мали. Ама силни како диви ѕверки. И додека ветерот им удира в лице, тие трчаат кон животот, кон убавината, кон спокојот.

Животот започна со неа. Оти со неа стравот заврши. Заврши стравот дека на светот не постојат жени што знаат што сакаат. Добро, можеби ни таа секогаш не знае што сака. Но сигурен сум дека ме сака мене. И таа не е како другите. Не личи на ниту една друга. Има чуден сјај во очите. Хаос во мислите. Студени дланки, кои цврсто стегаат. И со неа сум богат, богат како со ниту една друга. Оти таа имаа раце кои кријат цели светови. Има прегратки, во кои потонувам. Се нурнувам. Заборавам. Има насмевка од која се забораваат сите проблеми на светот. Има џебови полни стихови. И кога ќе се стиши сè, во ушиве ми одѕвонуваат нејзините стихови.

Животот знапочна со неа. Оти со неа стравот заврши. Заврши стравот дека на светот веќе нема девојки кои сакаат да гледаат зајдисонца. Оти таа ужива во зајдисонцето. А јас гледам како сончевите зраци се прекршуваат на нејзината кожа и ја шараат, па безброј пеги излегуваат на нејзиното носе. Очињата ѝ добиваат боја на мед. И таа не ме погледнува. Гледа во небото кое добива некои нови димензии. Од сино, станува портокалово, па розево, па виолетово. На крајот омодрува и првите ѕвезди се наѕиркуваат. Зборува за боите негови. Зборува за мене. За неа. А јас, ни збор не можам да ѝ кажам. Оти тонам во неа. Во очињата нејзни. Во усните. Во мирисот на хибискус.

Животот започна со неа. Оти со неа стравот заврши. Заврши стравот дека на светот не постојат веќе луѓе со детски очи. Таа е чиста како дете. Има детски поглед кој лута наоколу. Љубопитно анализира сè. Се задржува на она што ѝ се допаѓа. Затвора очи пред она што не сака да гледа. Знае чудни приказни за древните Ацтеки. За боите на ѕвездите. И се чудам како секогаш успева да ме улови во некоја нејзина чудна приказна. Да ме зароби. А јас со љубопитство слушам што има ново таа да каже. Оти таа сè раскажува со еуфорија. Сè доживува со страст. Ужива додека дождот ѝ удира по кожата. Ужива додека ветерот ѝ ја вее косата. И не е како оние девојки, кои се плашат да стапнат во кал за да не се извлакаат. Таа толку е вљубена во светот и во животот, што целата в кал би се нурнала.

Животот започна со неа. Оти со неа стравот заврши. Заврши стравот дека нема да сретнам некоја што целосно ќе ми се препушти. Ќе биде моја. Иако таа е бунтовник. И токму тогаш кога мислиш дека си ја уловил, исчезнува. Немирна е ко дете. За неа животот е приказна без крај. И таквите како неа, единствено свои можат да бидат. Ама јас знам дека секогаш ќе е моја и доволно ми е. Доволно е што само јас знам. Затоа не се плашам. Да потонам во неа како во ниедна друга. Да ѝ дозволам да ме зароби. Па макар и засекогаш себеси да се изгубам. Ама да останам изгубен во неа.

Напишете коментар