Skip to content

Одрекување – СП Апостол

  • by

 “А тој почна да се колне и се заколна: Не Го познавам Овој Човек, за Кого говорите. И по вторпат петел запеа. Петар се сети на зборовите, што му ги кажа Исус: Уште пред двапати петел да запее, трипати ќе се одречеш од Мене. И почна да плаче.“ (Марко 14, 71-72)

Пред овој инсерт од случувања, беше воден разговор помеѓу Исус и Петар, кога Господ му рече дека таа ноќ сите ќе се соблазнат поради Него. Петар беше сигурен во себеси, дури и подготвен да умре за Него, но никогаш да не се одрече. За жал се излажал, исто како и јас.

Не Го познавам Овој Човек, за Кого говорите. Ако го знаев немаше да бидам крадец на туѓи соништа, бидејќи моите не можам да си ги исполнам. Ако го знаев ќе го најдев патот и во најголем мрак, додека сега лутам по беспаќе и при најсилната светлина и со очи ококоравени. Ако го знаев ќе бев верен на својата сенка која не познава и признава блуд во моите нечисти мисли со опкружувачката голотија на сè што е мизерно и долно. Ако го знаев немаше да се лажам себеси и другите за сопственото јас кое однадвор изгледа како мирна површина на најтиркизно море со единствен сјај од бојата на облаците, но внатре е невидена виулица на потопени ветувања кои не го дочекале својот вистински крај и остатоци од заринкани бродови полни со гробишта на моите светли идеи до кои да стасам ми требаат столетија.

Да Го познавав, доволна ќе ми беше само таа вера голема колку синапово зрно за да бидам најсреќниот човек со најболните страданија кои ќе ги нарекува радост. Ќе се насмевнував на секое утро и на оној кој ќе ме пробудеше, било сончевите зраци, било помислата дека ќе имам уште неброени саати да го вдишувам животот со полни дробови, без на внесувам од црното, негодното. Ќе го надзборував секое пладне и ближните околу мене, кои нетрпеливо со очи полни солзи ќе очекуваа да го кажам словото кое железни порти отвора, утехата за која не постои срце затворено, и ќе продолжеа тој глас да го пренесуваат за да чујат оние кои ми се нарекуваа непријатели и кои не беа свесни дека и за нив ги чувам тие зборови, и тоа уште поблаги.

Ќе се изнасонував секоја вечер на перницата непробојна за земските грижи од типот да имаш и да немаш, бидејки оној кој нема никогаш нема ниту да има додека оној кој има ќе му се придаде и повеќе; мека како пердув од крила на ангел која мами на сон кој никогаш не престанува, од розово до божилак.

И по вторпат петел запеа, и тоа го правеше во секое најавување на денот, а јас се одрекував. Не три пати, туку триста пати по толку. Не ми беше погодена кармата во финасиската конструкција, ме нервираа ПМ честичките, короната, здивот на кучето на соседот, не можев да ја поднесам учителката на помалото дете, се грозев од турбо фолкот на телевизија и изјавите на политичарите, не сум сигурен дека стапнал човек на месечината… И се одрекувам, се одрекувам… Како да Не го познавам, како да не сум сигурен дека не смеам да дозволам земските бури да влезат во мене, дека треба да го сочувам мирот и сѐ да раздадам, го понесам Крстот и на него конечно го вдишам вистинскиот спокој кој не е обична кислородна поддршка, туку вознесување.

И почнав да плачам. И еве тој плач не прекинува, во континуитет ги дразни не моите очи, туку душа од каде ревносно се откинува. Главно го предизвикува слабоста да го направам она вистинското, да се изборам со пречките кои деноноќно ми ги поставува Лукавиот, да ја победам  немоќта која ми вели дека човечки е да се греши, да ја нарушам паузата во мојот живот кога ништо не се случува и се надминам во соблекувањето на стариот јас во нова облека, почиста. И не знам кога ќе престане тој плач, но сигурен сум дека добро ми доаѓа, ме прави полесен барем во дамарите.

СП Апостол

Напишете коментар