Skip to content

За два дена рече „ДА“ од Душко Трифуновски (краток осврт)

За два дена рече „Да“ е романтична комедија која и оние најмалку емотивните нема да ги остави рамнодушни. Лесно читлива која авторот сам на шега знае да ја нарече “лимонада“ или некои читатели ја доживеале како таква, заслужува да биде прочитана. Токму во нејзината навидум “лимонадеста“ содржина читателот ја согледува леснотијата на донесувањето важна животна одлука, а од друга страна го тера да се запраша “што би направил/а јас да бев на местото на главните протагонисти“? Прашувајќи се колку тежина лежи во тој избор, дури ни самиот автор, ниту ликовите ниту самиот читател може да даде одговор.

Покрај овие прашања поврзани со носење одлуки, прикажано е функционирањето на едно македонско традиционално семејство. Тука се согледуваат накратко “проблемите“ кои ги имаат младите од поновите, но и постарите генерации. Со нив може многумина да се поистоветат. Таквите елементи ја прават оваа лимонадеста романтично-комична книга блиска и позната на читателот.

Краткиот роман е пишуван во трето лице, но со примеси на прво лице кога главните јунаци размислуваат во себе. Тие се обидуваат да си кажат еден на друг сè што не би се осмелиле да го признаат во очи некому. Барем не толку брзо, каде што лежи и возбудливоста на самото дејствие. Софи кај него буди чувства кои после неговата бивша жена никоја не успеала да ги пробуди. Додека Бобан е сè она што таа некогаш го барала и посакувала од еден маж.

Почетокот односно нивното запознавање е комично претставено, а потоа цело време ќе им се случуваат сцени како да се извадени од некоја романтична комедија. Со Софи на Бобан сè му е поинаку, а таа до последно нема да поверува во машките зборови. Бидејќи таа како со штит се брани од емоциите. Претставена како тип на жена која не може емоционално да се поврзе со своите партнери додека физички ги добива лесно, а истите брзо ѝ здосадуваат. Директна, импулсивна и неодоливо привлечна се трите епитети за нејзе во оваа љубовна приказна.

Запознавајќи го Бобан како да се гледа себеси во некои негови постапки, двајцата со слични карактеристики, како што ќе рече еден спореден лик се нашле како “лонче и поклопче“. Тој пак е строг и силен однадвор, а внатре мек како памук. Маж со став и цврст карактер кој пред нејзе не се плаши да биде ранлив како мало бебе.

Дали конечно нејзиното затвоено срце ќе ги отвори своите порти за човек како него? Судејќи по самиот наслов одговорот е позитивен. Меѓутоа препорачувам да се прочита за да се дознае каков е тој нивен пат од запознавањето преку интервју за работа сè до предлогот за брак. Запрашувајќи се дали навистина таква љубов може да постои, дали е возможно некој вртоглаво да се вљуби или “изгуби“ по некого, без да го познава подолго, читателот сам мора да го дознае одговорот.

Тој не е содржан само во приказната на Софи и Бобан туку се наоѓа во сите животни искуства слични на нивните кои можат да го посведочат и го искусиле истото што им се случило на овие двајца главни ликови во романот од Душко.

Моја топла препорака за кога ќе посакате да прочитате софистициран романтичен роман од домашен автор.

Наталија Наумовска

Прочитајте го и краткиот осврт кон делото„Горчливо срце“.

Напишете коментар