Skip to content

Си живееше еднаш – Силвана Панева

  • by

Не така одамна си живееше еден човек, кој со никој и никогаш не го повиши тонот на зборување, не се расправаше, едноставно на мирен начин ги решаваше проблемите. Потекнуваше од многудетна фамилија и неговите браќа уште од мал го задеваа, често ќе го истепаа за да видат до каде може да оди неговата попустливост? Во тие моменти, без збор ќе побегнеше во блиската шума и знаеше со часови да остане таму. Тогаш беше ранлив како сите останати деца, му се идеше  да се врати и да им удри по неколку шамари на браќата. „Зошто се такви? Зарем не гледат колку се мачат нашите родители да ни обезбедат храна и основни работи за живеење?!“. Викаше и плачеше на глас, и за кратко време како да ги слушна одговорите од шумата:

– Такви се тие, се задеваат, но ти си посебен. Не дозволувај бесот да те води, дојди секогаш кога си тажен и тука ќе ги најдеш одговорите на твоите прашања. Запомни, немој да се претопиш во толпата. Обиди се да размислуваш пред да донесуваш било – какви одлуки во животот. Не беше сигурен дали навистина шумата му зборува или тоа е само неговото ехо, но, му се допадна енергијата и брзината со која си ги лечеше раните.

Иако не беше најстар од браќата, во наредните години го видоа благодетот да го имаат него за брат. Откако ги загубија родителите, единствениот спас им беше тој.  Правилно ги советуваше и мирот што во себе го носеше, на чуден начин, им го пренесе и на нив. Сепак, никој не претпостави кога најпрво умре мајка им , а за кратко и таткото, тој заминуваше во шумата. Ќе се исплачеше, ќе тагуваше и за неколку часа се враќаше да го продолжи животот со браќата.

Кога дојде време да се жени, ја најде својата сродна душа. Понекогаш само со поглед се разбираа, се сакаа и почитуваа бескрајно. Набргу со најдобриот другар станаа партнери и отворија заедничка фирма. Во меѓувреме им се изродија три деца, имаа спокоен и убав живот. Многу често доаѓаа познати и непознати луѓе да бараат совет за работи кои ги мачеа. Жена му знаеше да го праша:

– Што си ти? Не си Бог, ниту светец или бајач, а, луѓето чекаат во ред за да позборуваат со тебе. Кажи ми ја твојата тајна? Ќе се насмееше, ќе ја бакнеше и ќе кажеше: “Обичен човек од крв и од месо сум мила! Многу сум благодарен на среќата која ја живеам со тебе и децата, сите да бидат среќни и успешни како мене”.

По неколку години успешна работа, партнерот ги беше собрал сите пари од заедничката сметка и избегал во друга земја. За да ги исплати долговите кон доверителите и вработените мораше да ја продаде куќата, која со многу љубов ја направи. Преку ноќ, луѓето почнаа да го плукат и да бегат од него. За среќа, жена му и браќата беа со него во тоа време – невреме. Браќата не можеа да му ја забoрават посветеноста, со која ги храбреше кога ги загубија родителите. Сега, тие беа успешни и одлучија, тој со семејството да се всели во родителската куќа. Добрината од браќата му даде надеж дека не е сè така црно. Почна да размислува!

Не сакаше никој да вознемирува, но немаше идеја како да продолжи понатаму. Децата, веќе во пубертетските години не беа задоволни од условите за живот во старата куќа. Не знаеше што, но мораше да работи нешто, за да опстанат. Се сети дека во најтешките моменти, спасот го наоѓал во шумата. Крадешкум замина и почна неутешно да плаче на добро познатото место. „Каде згрешив? Се трудев да бидам добар со сите, им верував на луѓето, и види до каде дојдов! Не знам како да продолжам понатаму”. Одненадеж го слушна одговорот од шумата:

– Немој да тагуваш за тоа што поминало, сети се дека со зборови им помагаше на сите. Треба да го работиш она што те прави среќен. Почни да пишуваш, и ќе заработуваш!

Повторно, не беше сигурен дали е сон или јаве тоа што го слушна. Но, беше задоволен од одговорот кој го доби. Се врати дома и ги кажа своите идеи на домашните, ги замоли на трпение и да го остават неколку месеци, за да напише книга. Се разбира не им кажа за зборувањето со шумата, ќе помислеа дека го губи разумот.

Уживаше додека ја пишуваше книгата, зборовите, како сами од себе да се редеа. Не се надеваше на успехот што го доби со своето првенче. Повторно му се врати надежта и продолжи да пишува со уште поголем жар. Секоја негова книга доживуваше десетици изданија, а популарноста му растеше и во останатите земји. Најбитно од сè е што не ја изгуби довербата во луѓето, и покрај претходното лошо искуство. Не може да ги мрази луѓето ако сака да успее, зашто што и да започне да работи, треба со луѓе и за луѓе да биде. Можеби, некои од нив го разочараа, но други му ја вратија насмевката на лицето.

Човекот, и понатаму одеше во шумата и ја црпеше инспирацијата за следните книги. Остана цврсто на земја и тогаш кога доживеа огромен успех, зашто неколку пати го допре дното, а од секое паѓање излегуваше посилен. Ако видите човек кој шета во шумата и зборува со неа, веројатно е тој од мојата приказна, или некој сличен на него.

Силвана Панева

Напишете коментар