Skip to content

Наречи ме – Анастасија Лефкоска

Наречи ме Марија,
зошто за гревови на мажи, мажи ме казнија,
наречи ме Марија,
ама не онаа што ја прославија туку онаа што ја избркаа,
онаа што ја избришаа,
онаа што никаде, ама никаде не ја запишаа.

Наречи ме вештерка,
нема врска што немам зелени очи и црвена коса,
нема врска што сум заљубена, секако не сум мажена,
наречи ме вештерка, сепак, многу зборувам, многу сонувам,
сите лицемери ги исповикувам.

Наречи ме Јованка,
знам дека само момент чекаат да ме запалат ко Орлеанка,
не се борам за земјата,
се борам за во душава земјава,
за песнава што ја пишувам,
наречи ме Јованка зошто не планирам да престанам да зборувам и борам.

Наречи ме Вирџинија зошто немам земја и религија,
само го имам пенкалово и умов во главава,
само зборот пишан ми е единствена вистина,
само собата раскошна во умов е соба моја посебна.

Наречи ме Емили,
зошто ќе пробаат да ми го сменат наративот,
да ми го избришат пола живот,
а потоа да го продаваат за пет проклети денари,
нека им, ни со душата не можат да си купат рефус цигари,
не им вреди, нека им, барем за пет дима нека не бидат мизерни.

Наречи ме како сакаш,
се раѓам и препораѓам одново и одново,
ко ренесанса после пандемија на векот,
провиденца што не може а да не дојде без екот,
наречи ме како сакаш,
јас сум на мојата генерација, на мојот народ, револуционерот.

Напишете коментар