Skip to content

Афоризми од македонскиот афористичар Јане Атанасов

  • by

Јане Атанасов е идеен творец на Здружението на граѓани Афористичка репрезентација на Македонија, кое е организатор на Вечерите на македонскиот афоризам во Кочани. Атанасов пишува текстови од речиси сите литературни жанрови, а посебна специјалност му се афоризмите. Објавувал во многу весници списанија и електронски медиуми.  Со свои афоризми е застапен во повеќе билтени и други изданија како и во две антологии. Има издадено 6 книги, од кои три се збирки на афоризми. За своето литературно творештво има добивано повеќе награди.

Прочитајте во продолжение дел од неговите афоризми.

1. Откако ги промовиравме во господа, многумина заборавија дека бевме другари.

2. И јас ќе бев перспективен, да бев нивен.

3. Првин ние кренавме раце за него, а после тој крена раце од нас.

4. Нема жива жена која барем еднаш не се обесила – на нечиј врат.

5. Знам во која грмушка лежи зајакот, само се плашам од мечката што го штити.

6. Жената што стои зад успешен маж знае кога треба да легне!

7. Сè е добро кога добро ќе свршиш.

8. Убав збор железна врата отвара, а убава сума – и тапацирана!

9. Сè ми е јасно. Затоа така често ми се стемнува.

10. Откако ќе биде потврдена со потпис и печат, лагата се преименува во вистина.

11. Гледајќи какви свињарии прават луѓето, сè помалку верувам во Дарвиновата теорија за настанокот на човекот!

12. Едноставно кажано: ситуацијата е комплицирана!

13. Само што стана од спиење, легна од пиење.

14. Луѓето забрзано ствараат услови за исчезнување на човекот од лицето на Земјата!

15. По испиените десетина пијачки, се наоѓа излез од сè; само не и – од кафеаната!

16. Најкраток опис на процедурата за прием во ЕУ: Аууу!

17. Тапоглавите сите проблеми ги решаваат со острицата на ножот.

18. Не стојте зад него – смрди!

19. Да, гласав за вас, ама тогаш не бевте власт.

20. Едно е да си без образование, а друго – неписмен.

21. Џабе стоиме пред портата на Европа. Таа не се отвара со калауз туку со кодиран клуч.

22. Од потрошувачката кошничка имаме пари само за – рачката.

23. Или чистете сè, или чистете се!

24. Некои се соединуваат поради хемија, а други се земаат поради математика.

25. Ми ја скроија капата. Сега не знам каде ми е главата.

Прочитајте ги и следниве аформизми од афористичарот Миле Ѓорѓијоски.

Напишете коментар