Skip to content

Втор дел афоризми од афористичарот Јане Атанасов

  • by

Денеска споделуваме уште еден дел од афоризмите што ни ги испрати македонскиот афористичар и автор, Јане Атанасов. Прочитајте ги во продолжение!

1. Будалата памти, паметниот запишува, а снаодливиот препишува.

2. Ја играм главната улога во филмот наречен Живот. Статирам.

3. Жена му е многу добра во креветот, па тој го внесе во кујната.

4. Малку е еден Свети Ѓорѓи на толку многу ламји.

5. На врзувањето крај со крај не му се гледа крајот.

6. Короната е редок кинески производ со така висок квлитет.

7. Во судот не смееш ни да се прозевнеш без адвокат.

8. Денешните Алибаби не се задоволуваат со 40 разбојници.

9. Голема Србија, голема Албанија, Сан Стефанска Бугарија, Македонија во своите историски граници, а Балканот така мал. Голем проблем!

10. Им работеше како коњ. Кога заврши, го намагарчија.

11. Никој нема толку силна верба во Господ како оној што нема ништо.

12. Митото е софистициран фолклор. Се пренесува од џеб во џеб.

13. Стискањето заби води кон стискање за гуша.

14. Постојат безброј правци, но ретко кој од нив е прав.

15. Кај нив постојано летаат пердуви. Така е кога ќе се ожениш со гуска.

16. Терористите во костуми се многу поопасни од оние во униформа.

17. Во молчењето е злото.

18. Живее над своите можности. Дише со полни гради.

19. Стави го прстот на чело, за да не го ставиш после во уста.

20. Заедно сме појаки – рече пијаницата и го крена шишето.

21. Сè е во игра. Па и играчите.

22. Во Америка има индијанско племе Апачи. Во Македонија – Лапачи.

23. Народот што има вакви политичари треба да стравува за својата иднина.

24. Убиствена комбинација: кратка памет и долг јазик.

25. Јавна тајна е дека ни една тајна не е трајна.

Прочитајте го и првиот дел афоризми од Јане Атанасов.

Напишете коментар