Skip to content

Жените постојано се враќаат, но само еднаш заминуваат

Таа мајска ноќ дождот истураше, а јас не ни претпоставував дека токму тогаш ќе ја прегрнам за последен пат. Ја чекав таму кај што ми кажа. На клупата под јоргованите, кои токму тогаш цутеа. И ако истураше, а јас бев воден до коски, ја чекав. Чекав. Првпат задоцни. Првпат задоцни во тие пет години. И првпат чекореше мирно. Без насмевка. Ниту веѓата не ѝ беше подигната, а секогаш ја креваше и ми се смешкаше кога ќе ме здогледаше.

Не ме допре. Не ме ни погледна. Ме погледна, ама не гледаше веќе во мене. Низ мене гледаше. Тие нејзини очи со боја на мед го изгубија сјајот. Беа празни. И таа вечер, додека дождот истураше, а јас и таа бевме водени до коска, јас знаев дека е готово. Во неа не беше останала ни искра која што може да се разгори. Ама пламенот во нејзе не го изгасна тој мајски дожд. Го изгаснав јас. Ладна како мраз, седна крај мене на клупата. Уште поладно ме погледна. Така ме погледна, што тој поглед нема да го заборавам додека сум жив.

Зедов воздух за да почнам да зборувам. Да почнам да ѝ објаснувам. Да ја молам. Да ја молам за уште една шанса. Да ја молам за уште еднаш. Да ја молам барем уште еднаш да ни даде шанса нас. Во име на сите заеднички спомени. Во име на убавото. Во име на она што беше. А знаев дека ништо од тоа не останало. Знев од ставот нејзин. Од погледот. Од студенилото што го чувстував. Ме гледаше како да гледа странец. Не како да ме мрази или како да ме обвинува. Туку како да не ме познава веќе. И јас знаев дека веќе е крај.

– Те молам, не почнувај. – ме прекори. – Не пак. Не уште еднаш. Минатиот пат ти кажав дека тоа е последно. Дека нема да ти дадам уште една шанса. Дека нема да ти дозволам уште еднаш да ме повредиш. А што направи ти?! Што направи?! Мислеше дека ќе попуштам пак?! Дека сè ќе биде како порано? Убаво јас ти напоменав тебе дека тоа беше последно.

– Значи, нема да ми простиш? – јас ја гледав со поглед на кутре. На малечко кутре, кое премрзнало на тој мајски дожд. Кое моли за љубов. Кое моли за уште една шанса. Последна шанса. Ама таа имаше право. Безброј пати јас ја направив истата грешка. Безброј пати таа премина преку тоа. Но не и сега. Не и оваа вечер. Ми кажа дека е последно минатиот пат. Ама не сфатив. Мислев дека ќе биде како секогаш. Мислев дека пак ќе ми се нурне в прегратки.

– Не. Толку. Нас веќе нè нема. – изусти гледајќи ме в очи. И ниту солза не пушти. Ниту ликот не ѝ се натажи. Таа можеби веќе ме преболела секогаш кога ми простувала. Можеби навистина сум претерал. Можеби навистина претерав.

– Може барем да те прегрнам за последен пат? – ја прашав, а таа кимна со главата. Цврсто ја прегрнав. Ја стегнав со рацеве. Сакав да не ја пуштам никогаш. А таа, таа не ми возврати. Како некоја кукла стоеше цврсто стегната во рацеве мои. Пластична кукла. Кукла без чувства. Без емоции. Ама кукла со прекрасен лик. Токму онаква каква што кулите се. Знаев дека е крај. Знаев дека е готово. По неколку секунди, кои ми се чинеа дека траат век, ја пуштив. А таа си замина без да се заврти. Без да ме погледне. Тогаш сфатив. Жените постојано се враќаат, но само еднаш заминуваат. Заминуваат онаму од каде што нема враќање. Заминуваат засекогаш.

Напишете коментар