Skip to content

Сон на заборавот – Ирена Блажеска

  • by

Ме измачи, многу ме измачи, толку многу години потрошив за трошка од твоето внимание, за малку од твојата љубов, за малку од твоите допири. Посакував тивко во себе само еден збор, само еден поглед. Од оние што зборуваат гласно без зборови, од оние кои шепотат со воздишки, од оние бакнежи кои лекуваат без ништо посебно да направиш. Сонував, многу сонував за нас, за сè што можевме да бидеме но никогаш не бевме.

Но.. изгледа само сонот ќе ми остане остварен, само сонот ќе биде мојата реалност. Тој ќе раскажува за воздишките, за насмевките, за убавите моменти кои зборуваа без да зборуваат. Затоа што никогаш не проговорив, зошто сè оставив во недореченост, а можев. И знам доаѓа време да се откажам, да се откажам од тебе. Да се тргнам од сите и од сè. Од болката, од желбата за нас. Мене ме болеше тогаш, ќе ме боли и сега, но… ќе помине.

Ќе помине сè што беше ти, ќе помине љубовта, ќе помине носталгијата, ќе помине навиката. Научив од трпението дека сè поминува, научив дека времето ќе го направи своето толку храбро без да погледне назад. Ќе се сеќавам на тебе како на едно минато за кое не прозборив. Ќе подголтнувам само што ќе те видам во близина и ќе те одминам со стегнато срце, со заглавени зборови во мојата уста. Ќе ме боли и тоа, ќе ме боли сè, но…. ќе стегнам заби. Ќе прикријам болки и со молк низ солзи, без здив ќе се откажам од тебе, овојпат засекогаш.

Ирена Блажеска

Напишете коментар