Skip to content

Сè поминува, па и таа – Лина Димоска

Сè поминува, па и таа.
Барем така мислев,
така се надевав.
Мислев ќе помине.
Ќе престанам да мислам
на тие нејзини длабоки очи,
на тој нејзин детски поглед
кој постојано лута наоколу,
а некоаш се задлабочува.
Длабоко гледа во небото,
во дрвјата,
во птиците
или во очиве мои.
И тоне длабоко.
Во мене.
Како ниту една друга.
Како ниту една претходно.

Сè поминува, па и таа.
Барем така мислев,
така се надевав.
Мислев ќе помине.
Ќе помине таа нејзина насмевка
и дупчињата на нејзините образи
кои се појавуваа секогаш
кога чекорев кон неа,
кога ќе ја прегрнев,
кога ќе ја стегнев во мене.
Ама не помина,
таа тука ми остана.
Во преграткиве,
под прстиве,
на кожава моја,
па каде и да одам
мирисот нејзин го чувстувам.

Сè поминува, па и таа.
Барем така мислев,
така се надевав.
Мислев ќе помине.
Ќе ги заборавам стиховите нејзини,
ќе ѝ го заборавам погледот,
ќе ги заборавам приказните
во кои вешто ме заробуваше.
Ѝ завртив грв.
И се убедував,
се колнев дека ќе ми помине.
Проклетно нека е.
Зарем таа не е само една жена?
Зарем не е како сите други?
Зарем не е обична?
Проклето нека е.
Можеби никогаш нема да помине.
Ко што некои болки не се преболуваат.
Ко што некои сништа не се досонуваат.
Копнежот мој по неа
можеби никогаш нема да помине.

Напишете коментар