Skip to content

Писмо до непознатата

Драга моја непозната,

Уште не сум те сретнал, ама чувствувам дека те знам. Дури и ликот ти го замислувам. Имаш малечко, ситно лице, со очиња како скокалиња. Имаш пеги на носето. И полни усни со боја на вишна. Темни. Сите се прашуваат како може усните да имаат таква боја. Очите ти се светли. На сонце добиваат боја на мед. Во темница, боја на лешник. Погледот ти лута околу. И ако уште не сум те сретнал, јас знам дека те знам.

Ама ќе те сретнам наскоро, моја непозната. И кога ќе те сретнам и јас и ти ќе знаеме дека нам нѝ е судено. Добро, можеби јас ќе пресудам за нас. Дури и да има некој крај тебе. Дури и за рака да го стегаш човекот што мислиш дека го сакаш најмногу на светот, ти ќе му ја пуштиш раката. Ќе ги откорнеш синџирите што ти ги ставиле другите. Ќе ги срушиш ѕидините што сама си ги соѕидала. И како полудена ќе дотрчаш кај мене. Оти ти моја си, моја непозната. Јас знам дека си моја, но ти не знаеш уште. Ама наскоро ќе дознаеш.

Чувствувам. Знам. Знам дека наскоро погледите ќе нѝ се судрат. Ти нема да сакаш поглед да трнеш од мене. А другите ќе те подбуцнуваат. „Не гледај го!“, „Остави го!“, „Батали го!“ ќе ти велат. Ама нема да можеш. Ти мене од глава не ќе можеш да ме извадиш. Ко јас што не можам да те извадам тебе, моја непозната. И ќе се бориш. Ќе се бориш со себеси за на крајот да сфатиш дека јас сум сето она што одамна си го чекала. Одамна си го посакувала, моја непозната. Ко што јас тебе те чекам. Ко што јас тебе те сонувам.

И не ќе сакаш да ме испуштиш. Ни од очите. Ни од рацете. Ни од усните. Ќе ме стегнеш силно. До себе. Врз себе. Во себе. Нема да сакаш да ме пропуштиш. Оти вакви како нас не смеат да се пропуштат, моја непозната. Вакви како нас се среќаваат еднаш на илјада години. Ако уште не знаеш за тоа, ти наскоро ќе дознаеш. Наскоро ќе ме видиш. Наскоро в поглед ќе ми потонеш. Наскоро ќе се гушиш во моиве прегратки. Наскоро мирисот твој ќе го почувствувам. Наскоро, усните твои со боја на вишна со моиве ќе се спојат.

До тогаш, моја непозната, чувај ми се. Јас не сум до тебе за да те чувам, па додека да дојдам, ќе мораш да се чуваш сама. Варди се. Јас сум до тебе за да те вардам, па додека да дојдам, варди ми се сама. Не им верувај на другите многу. Ти убаво знаеш дека мораш сама. Барем додека јас не дојдам до тебе. Биди ми силна, моја непозната. Ќе те мислам, додека не дојдам. Додека не те сретнам. Знам дека и ти ме мислиш некогаш.

Засекогаш твој,

Еден за тебе непознат.

Напишете коментар