Skip to content

Дилемата на двајца родители поврзана со нивните деца (краток драмски текст)

Тихомир, Стојан, Петра и Софка се актерите во оваа денешна кратка сцена (обид за некој вид мини драмски текст).

Тихомир и Софка се маж и жена кои се во брак речиси 20 години. Додека Стојан и Петра се нивните две деца.

Прва сцена (во домот на Тихомир и Софка, разговорот се случува во дневната соба, 21 век)

Тихомир и Софка седат и молчат. Се гледа дека се загрижени и дека нешто ги измачува. Се дружат со тишината подолго време, плашејќи се да го прекинат нејзиното присуство.

СОФКА (прва ѝ пркоси на тишината, загрижена е и во паника): Тихо, како ќе успееме да најдеме пари за екскурзијата на Петра, а истовремено да му купиме нови алишта на Стојан за во училиште?“

ТИХОМИР: Софке знаеш дека макотрпно работиме од утро до мрак. Еве гледаш и сама, проклетите пари не стасуваат. Ќе мора кредит да се подигне, друг излез нема. Нема да позајмувам од никого, нема да се срамам од луѓето!

СОФКА: Е арно велиш, ама што ако заглавиме Тихомире, недај Боже нешто ако ни се случи, децата ќе ги заглавиме до гуша. Ех, какво време дојде, да работиш по 10 саати, пак да не заработиш колку некој што работи вкупно пет часа во денот. Не се цени денеска работничкиот труд. Не третираат скоро како робови. Заборавиле дека и ние имаме глас, дека не можат како сакаат со нас! (Софка веќе видно вознемирена, станува и шета по собата во два правци).

ТИХОМИР: Ех мори Софке, полека, смири се. Ќе размислиме, со секирање никаде нема да стигнеме. Имаме златни деца, уште малку и тие ќе почнат да работат, не ги правев за да седат ко гости во сопствен дом. Стојан ќе запише факултет, ама напоредно може да работи нешто други. Петра, кај и да е ако не се мажи, ако не учи школо, работа не ѝ бега.

СОФКА: Арно велиш мажу, ама денешниве деца како од шеќер да се правени. Ако им спомнеш за мажачка, женачка или работа, одма ја менуваат темата. Каде згрешивме?

ТИХОМИР: Родени се во друго време, не како во нашето. Ама ќе им покажам ја како е да се заработи за леб со сопствена пот, има допрва да ја научат таа лекција од нивниот сопствен татко. Не е доцна да се исправи грешката, Софке, тие штотуку почнаа да созреваат. Нигде не сме згрешиле, допрва иде нивното.

СОФКА: Е сега вистина велиш, имаш право. Кредитот на колку години ќе биде, како ќе го враќаме?

ТИХОМИР: Чекај жено, за кредит ич не сакав да чујам до лани, ама времињата се менуваат,  на заем ни од брат не сакам да земам. Друга опција немаме, ќе се јавам утре во банка да се распрашам.

Втора сцена: Софка и Тихомир повторно тонат во тишината меѓу нив. Изгледа како секој да е задлабочен во своите мисли. Влегува прво Стојан, а потоа набрзо по него и Петра.

СТОЈАН: Здраво тате, здраво мамо, што сте се замолчале така двајцата, да не прогласија нова војна?

ТИХОМИР: Ќе ти дадам ја тебе војна, дај донеси по една чаша пиво да се напиеме. Кажи ни на каков факултет планираш да се запишеш, да направам пресметки треба. Размислувам и да почнеш да работиш напоредно синко, инаку пари нема да ни стигнат ни прва година да ја завршиш.

СТОЈАН (ги носи пивата, ги става на маса, седнува до мајка му): За волја на вистината уште не сум размислил што да студирам, има време, цело лето е пред нас. За работата нема проблем, ако се најде нешто ќе работам.

ПЕТРА: Кај сте бе луѓе, сте се собрале за некаков состанок без мене денеска?

СОФКА: Седни мајка, разговараме за доста важни теми, да не речам за вашата иднина.

ПЕТРА: Ух, ми олесна. Реков да не е нешто полошо, да не планирате да се преселуваме?

ТИХОМИР: Какво преселување ќерко, едвај ја доплативме куќата, таа за преселување мисли. Кажи ми што планираш после средно школо?

ПЕТРА: Ништо, живеам од денеска за утре, какво планирање. Не е во мода тоа.

СТОЈАН: Ти како демек си во чекор со модата, немој да се шегуваш со нас. Сериозна е работата, заозбили се Петро!

СОФКА: Слушајте ваму, вие двајца има убаво да седнете и да размислите за сè што ќе ве прашаме вечерва, а најдоцна за три дена сакаме одговори. Договорено?

ТИХОМИР: Ете, ја слушнавте мајка ви, ова е нашето барање до вас кое сакаме сериозно да го сфатите, сега состанокот е завршен, очекуваме донесени одлуки за неколку дена. Се разбравме? Софке, донеси уште една чаша пиво и направи мезе, ќе ми почне серијата за десет минути.