Skip to content

Велигден како најважен верски празник и обичаи поврзани со него

Големиот верски празник, Велигден, се смета за најважен верски празник во православниот календар. Христијанските верници со овој празник го прославуваат воскреснувањето на нивниот бог Исус Христос по неговата смрт со распнување околу 27-33 година н.е. Тоа се случило на третиот ден по неговата смрт, сметајќи го и денот на смртта т.е. првиот ден недела по Велики петок.

Велигденски обичаи

Велигден е најважниот празник на христијанските цркви. Најпознатите велигденски симболи и обичаи меѓутоа само делумно имаат религиозна заднина.

Религија и народни обичаи

Велигденските јајца, велигденските зајачиња и велигденското јагне со столетија се одомаќинија како народни обичаи и се претопија со паганските обичаи. Дека Велигден е празник на воскреснувањето на Исус Христос, знаат сѐ помалку Германци.

На Велики четврток

Католичката црква потсетува на Тајната вечера, која Исус ја прославил со своите следбеници. Тука го скршил лебот и со сите пиел од една чаша. Ритуалот прерасна во централна христијанска прослава при богослужбите и е многупати овековечен во уметничките дела и црковните песни.

Велики петок

Велики петок потсетува на смртта на Христос. На некои места во таа чест се одржуваат процесии кои го претставуваат патот на страдањето на Исус. Велики петок во католичката црква е ден на голема жалост. Тој е ден од велигденските празнувања, кои траат до ноќта на Велигден. Религиозната традиција, во петок да не се јаде месо, се поврзува со Велики петок.

Велигденски јајца

Нема Велигден без шарени јајца. Според традицијата, родителите ги скриваат јајцата во недела на Велигден, за децата да ги бараат. За христијаните јајцето е симбол на воскреснувањето. За време на постите уште од средниот век било забрането јадење на месо и јајца. За да не пропаднат, јајцата се вареле, се кителе и честопати се подарувале.

Велигденско зајаче

Биолошки нема смисла зајак да носи велигденски јајца. Но тоа одговара на годишното време и се смета за предвесник на пролетта. Освен тоа, поради многубројниот подмладок, тој е стар симбол за плодноста. Во минатите столетија исто така и кокошките и штрковите носеа голем број подароци. Денес нив ги носи само зајачето: пред сѐ шарени јајца и спротивно на порано, многу слатки.

Велигденско јагне

Велигденското јагне се поврзува со еврејски ритуал, на празникот Пасха се коле јагне. Обичајот потсетува на отселувањето на израелските племиња од Египет. Нивните врати ги одбележуваа со крв од јагниња, за заштита од смрт. Во христијанството јагнето е симбол за невиното страдање на Исус. Но, кога станува збор за велигденкото јагне како колач, оваа приказна речиси и да не е присутна.

Велигденска свеќа

Првично велигденската свеќа ја осветлуваше богослужбата на велигденската ноќ. Нејзината светлина е симбол за просветлување на верниците со враќањето на Христос во живот. Таа ја симболизира победата на Исус над смртта и умирањето. Со велигденската свеќа се палеа сите други свеќи. На тој начин просветлувањето симболично се предава.

Велигденски оган

Обичајот за велигденски оган го знаеа уште старите Германи. Оганот што пламти требаше да ја истера зимата со нејзините одрекувања, но и духовите и демоните. Освен ова сјајот на огнот требаше да донесе среќа. Денес огнот го палат семејствата и селските заедници во внатрешноста, за заеднички да го прослават Велигден.

Велигденски ѕвона

В недела на Велигден црковните ѕвона ја објавуваат радосната вест за воскреснувањето. Во католичките цркви тие престанаа на бијат на Велики четврток. Во некои католички региони тогаш децата ѕвечкаат и тропаат по улиците и ги потсетуваат верниците на молитва и одење в црква.

Велигденска вода

Некои обичаи – како земање велигденска вода – се речиси изумрени. Ноќта пред неделата на Велигден млади жени црпат вода од река. Велигденската вода се смета за симбол на животот. Таа треба да ги одржува луѓето млади и убави и ја поттикнува плодноста, ако се молчи по патот, на идење и на враќање. Кај словенското малцинство Сорби во источна Германија овој обичај сѐ уште постои.

Кршење со јајца

Победува оној кај кого јајцето останува цело. Кршење со велигденски јајца е омилена игра при појадокот на Велигден, во различни региони на Германија. Пред сѐ во Баварија и Рајнската област. Обичај без никаква религиозна поврзаност и заднина.

Велигденска прошетка

Она што денес се смета за освежување по велигденското јадење, има традиционална заднина. При велигденската прошетка се поздравува пролетта и расцветаната природа, по долгата и студена зима. Поетот Гете ја има овековечено во една позната песна. Денес на традиционална велигденска прошетка канат пред сѐ црковните заедници.

Велигденски маршеви

Првиот велигденски марш во Германија се одржал во 1960 година. Оттогаш тие се традиција кај нас. Првично учесниците протестираа против планираното вооружување на Бундесверот со атомско оружје и воопшто атомското вооружување во периодот на Студената војна. Денес во демонстрационите поворки се здружуваат различни мировни групи и заштитници на природата.

Извор

Прочитајте ја и следнава статија за обичаите за народни песни за Стара Нова година.

Напишете коментар