Skip to content

Легенди за велигденските јајца: Од каде потекнува традицијта за нивното вапсување?

Велигденските јајца се обележје на големиот христијански празник Велигден. Јајцата се бојосуваат (вапсуваат) и се украсуваат во текот Велика недела (Страсна недела), најчесто на Велики четврток или Велики петок.

Во западните земји боењето на кокошкините јајца веќе застарува и сѐ повеќе се користат јајца од чоколадо или пластични јајца се полнат со бонбони. Тие јајца обично се кријат, наводно нив ги крие Велигденскиот зајак и децата ги пронаоѓаат дури на Велигденското утро. Бојадисаните јајца обично се ставаат во кошница наполнета со слама така што наликува на птичјо гнездо.

Обичај кај сите христијани бил и сѐ уште е дарувањето велигденски јајца. При тоа се водело сметка секој член на семејството и секој гостин да добие јајце со одредена симболика; момчињата и девојките добивале јајце со исцртано венче за да си најдат животен сопатник, а деверот добивал јајце исцртано со будилник или рака со прстен, часовник и цвеќе.

Велигденско чоколадно јајце

Митови и легенди поврзани со традицијата за вапсување

Има различни легенди за традицијата за васување јајца. Една од нив е дека кога Исус Христос бил распнат на крстот, една кокошка дошла и под него снесла јајце. Крвта од лицето на Исус капела врз него и го обоила во црвено. Затоа и денес првото јајце се бојадисува во црвено, а потоа најстарата жена во семејството со него ги трие децата по образите или им исцртува крст по челата за здравје. Останатите јајца се обојуваат во различни бои и се цртаат. Сината боја ја симболизира непорочноста, виолетовата – крстот, зелената – Христовите ученици, а жолтата – самиот Бог.

Друга легенда раскажува за Дева Марија, која им давала јајца на војниците кај крстот при распнувањето на Исус Христос. Таа ги молела да бидат помалку насилни кон Исуса и притоа плачела. Нејзините солзи паднале врз јајцата и ги обележале со точки во цветни бои.

Трета легенда раскажува за Марија Магдалена, која отишла до гробот на Исус за да го миропомаза неговото тело. Таа носела со себе кошница со јајца, за да руча. Кога пристигнала во гробницата и ги извадила јајцата, нивните бели лушпи, за чудо, биле обоени со боите на виножитото.

Постои легенда дека кога Исус Христос бил распнат на крстот, неговите непријатели го гаѓале со јајца. Но, според Божјата волја, штом тие ќе го допреле неговото тело се претворале во црвени јајца. Во чест на таквото чудо луѓето почнале да ги вапцуваат велигденските јајца црвени.

Друга легенда вели дека Марија Магдалена отишла кај римскиот цар Тибериј и му однела црвено јајце, кажувајќи му ги зборовите: “Христос воскресна!” и му раскажала за воскресението на Исус.

Велигденскиот зајак како дел од легенда при распнувањето на Исус

Во последните децении, особено во Германија, на трпезата се појавува и Велигденски зајак. Една од легендите го објаснува неговото појавување со паганската божица Естра – таа претворила една птица во зајак, но тој продолжил да несе јајца. Друга германска легенда вели дека Велигденскиот зајак од децата криел обоени и насликани јајца во градината. Во Америка децата веруваат дека ако се послушни, Велигденскиот зајак ќе им донесе гнездо, полно со шарени јајца.

Кога го воделе Христос на Голгота, за да биде распнат, во толпата бил и Симеон од Кирин со двете деца. Едниот син – Руфус носел со себе зајче. По едно време крстот паднал на земјата. Потоа се слушнал детски пискот. Се покажало дека крстот паднал врз зајчето и тоа умрело. Трогателниот плач на момчето го натерал Исус да се сврти и, покрај своите маки, да го допре животинчето и да му направи крстен знак. Зајчето оживеало и исплашено побегнало. Набргу потоа се појавило под крстот на распнатиот Христос. Кога вечерта учениците отишле да го земат телото на Спасителот, тоа уште било таму, а очите му биле црвени од тага и солзи. Ова зајче луѓето го нарекле Велигденски зајак.

Прочитајте и за дел од обичаите поврзани со најважниот верски празник – Велигден.

Напишете коментар