Skip to content

Љубовта е посилна – Јелена Ѓиноска

  • by

Емоции.

Мали трнчиња залепени за нашата кожа

Тука оставиле рана која лесно ќе зарасне

Но тука некаде на дното ги гледам тие што никогаш нема да зараснат

Неколку се, ти кога ќе ме погледнеш ќе рече не боли, малку се, ништо нема.

Но моите очи гледаат долга приказна во тие рани.

Секој лош збор залепен за нив, кој не ми дава мир.

Кој ме потсетува и кога се смеам со солзи и играм како никој да не гледа.

Тука се, како потсетник.

Тука се, со вресок достигаат до мојата свест.

Ме будат во ноќта и ми кажуваат работи кои одамна сум ги закопала.

Емоции…

А ние сепак секогаш живееме за оние мали моменти на среќа,

ги држиме толку цврсто како да ќе ни избегаат.

Ги пуштаме секогаш кога ни треба мало потсетување

за убавините на животот кога денот ни е тмурен.

Мојата љубов е поголема од секоја омраза.

Мојата љубов грее за навек.

Остава светлина кај и да поминам со насмевка.

Еднаш ти реков, кога ќе го изгубиш својот пат

и кога мислиш дека треба да се засолниш

некаде далеку од светот во некоја дупка, следи ја мојата светлина.

Јас ќе те љубам за обајцата.

Дури и кога најмногу те мразам.

Зошто мојата љубов е поголема од омразата.

Јас не умеам да мразам човек.

Само гледај да не стоиш предолго во дупката која си ја скроил по своја мера.

Само внимавај да не исчезне мојата светлина.

Да не замре во просторот.

Да не стигне до мене и не ме заледи засекогаш.

Зошто знаеш мојата љубов секогаш ќе е посилна од омразата,

но не и од рамнодушноста спрема човек.

Мојата љубов ќе е посилна од секој лош збор и секоја рана ќе ја зарасне.

Но еднаш кога целиот свет ќе замрзне и јас со него.

Мојата љубов ќе биде силна само за мене и оние до мене.

Нема да достигне до недоглед.

Нема да стигне до ладниот предел на кој сам си се казнил.

Јелена Ѓиноска

Напишете коментар