Skip to content

Што ме движи кога сè стои? – Софија Величковска

Среде оваа пустелија, среде оваа бура и кротка избезумена умешност, јас открив дека во себе носам непобедливо лето исполнето со магични слатко-страсни плодови! Нека одат по ѓаволите. Нека ги снема сите чудотворни болки кои ми ја истоштуваат оваа кожа која мириса на кокос. Нека одат по ѓаволите сите вампирски синови кои ни го загорчуваат прекрасното синило на небото. И знајте една работа…Ние треба да научиме да се движиме и кога нозете ни се заплеткани во хаотично јаже. Ние треба да научиме да се смееме и кога усните и очите ни ги опсипува студена болка и грчење.

Која сте вие госпоѓице? Откријте ја својата комфортна зона и не бладајте кон прости морничави илузии, сепак, животот мириса на кокос, мирисаш и ти, а таа миризба самата си ја одредуваш! Ти бираш дали ќе мирисаш на кокосово млекце или пак на пепел. Вчера ми беше толку жешко што се радував дека веќе времето си фатило некој правец, па се понадевав дека така ќе продолжи. Денес има снег. Денес на дланката ми се стопи една мала снегулка. Чувствував како ми ги разладуваше вените. Луѓе мои… И времето не знае што да направи самото со себе. И тоа не знае како да се однесува на ова лудило, а во лудницава сè помалку место има. А за пациенти да не зборуваме, не можат да се избројат.

Станавме анксиозни. Ги истражуваме термините “депресивност” и “анксиозност” и се плашиме во таа хаотична брканица да не припаѓаме и ние. Сè стои во место. Само автомобилите се движат, нашите нозе се движат, а умовите запреле ко покварен часовник. Годините се движат, а времето си стои. Ништо не се случува, а како сè нешто да дејствува… Ухх. Колку студено ми стана. Колку се ежам кога пишувам вакво нешто. Морници ме полазуваат. Оти кога ќе погледнам надвор не можам да го видам сонцето. Го нема. Сиво, затемнето, непроодна шума, густа, избледена и безбојна.

Сонцето го носам во кутијата која престојува во мојот ум. Ги погледнувам саканите и знам дека нема потреба да се плашам и да си мислам дека животот е толку безначаен. Ме движи таа љубов што ми ги засладува сите атоми кои пливаат во моево нежно тело. Ме движи мојата фантазија и надеж за подобро утре.И каква е таа суровост меѓу луѓето, каква е таа поделба на црно и бело, кога душата на сите ни е уморна од оваа болест? Најубавиот лек за ова е љубовта. Таа ги лекува сите рани, таа магично ги брише сите лузни. Сплотеноста и љубовта се единствените убавости кои ќе не излекуваат, ќе го направат светот прекрасна песна наречена: ,,Заедно сме посилни”!

А таа неубавост која е дел од нашиот живот ја газам како да е последна неупотребена цигара, цигара која е ништожност што шири лоша миризба, а знаете, јас сакам сè да мириса на кокос, не на пожар, не на цигари, не на неубавост, не на лошотија, не .. јас не сакам да мириса на лага и на распарани делови од нашето срце. Душите како да ни се умрени. Сè помалку имаме хумор во себе. Молчиме или пак од нас излегуваат отровни зборови како змија да не каснала. И на крај излегувам на балконот, на масичката ставам две чаши и флаша вино. Наоколу редам различни цвеќиња. Ги редам орхидеите кои ми ги подари љубениот.

Длабоко вдишувам. Па си велам: ,, Убавоста и љубовта од сечија страна ме следи, ме следи и се плаши да остане сама, а јас сум таа што ќе ја прими во својата прегратка, јас сум таа што на виното ќе му дозволи да навлезе во мојата утроба, јас сум таа што ќе го движам и ќе владеам со животот” . Ме движиш ти љубов моја, ти ми даваш сила да продолжам да се справувам со секаква препрека која инаетливо ми стои на патот. Мајко моја убава, ме движи твојата нежна мисла и она бдеење над мене што уште се чувствувам како да сум твоето бебенце!

Ме движи потребата да се борам и да станам храбриот борец на татко ми. Да станам неговата хероина која како до сега така и од сега понатаму ќе биде искрена и горда во се што прави. Јас сум благодарна што постојам. Да не постоев не ќе се борев за никого. Не ќе имав ваков убав живот, не ќе си го скроев и сошиев прекрасниот син фустан со кој одам на сите мое значајни манифестации. Не ќе пишував, ниту пак душата во моите песни ќе си ја преточев. Јас ова го посветувам на моето семејство, семејство за кое сум сигурна дека се гордее со мојата борбеност и надеж до последен здив.

Овој живот не е за кукавици. Дождот не е вкусен за оние кои не знаат како да уживаат додека капките се тркалаат по нашиот прозорец. Ме движи таа моја бескрајна позитива. Ме движи тоа што знам дека еден ден ќе станам прекрасен човек кој можеби ќе успее да го промени светот. На подобро. Луѓето веруваат во мене. А тоа ми дава сила. Ми дава сила ко да сум лавица. И секако борбата ми ја труе крвта, толку слатко ми ја труе што понекогаш додека не го завршам она што го сакам нема да успеам да заспијам. Таква сум ти, таква девојка со бујна фантазија, позитивна мисла и кревко срце.

Зошто земјата се тресе? – Затоа што храбрите војници чекорат по неа. И покрај оваа грижа која не удри како топче од пинг-понг, ние остануваме на нашиот збор! Ние остануваме на тоа да потскокнуваме кога ќе видиме каменчиња на патот. Или пак со патиките удираме во нив. Не може каменот да биде посилен од ваков народ! Што сè не сме преживеале, па ова ли нема да го пребродиме. Ќе го испратиме непосакуваниот гостин , без грижа. Љубовта и разбирањето ќе не движи нас.

Ајде да се сакаме сите. Ајде нашата фантазија да ја преточиме во реалност и да успееме заедно да се избориме со се она што ќе не спречува да го живееме животот нормално и мирно. Без страв. А страв имаме и ние децата, страв имаат и возраснисте. Стравот е поради тоа што немаме меѓусебна заштита. Немаме панцир на градите. Убаво е кога знаеш дека некој те чува, верувај ми, чувството е преубаво. Ќе заврши нашата мака, еден ден, да, ќе заврши.

Софија Величковска

Текст напишан за потребните на натпревар со тема „Што ме движи кога сè стои?“ за кој можете да гласате на следниов линк со кликнување на срцето во левиот долен агол на крајот од текстот отако ќе го отворите линкот.

Напишете коментар