Skip to content

На денешен ден била родена Даница Ручигај, првата македонска поетеса

Само две стихозбирки на вечно младата прва Македонска поетеса Даница Ручигај, го одбележуваат почетокот на Македонската поезија. Ручигај е првата Македонска поетеса, која започна едно ново време за Македонската поетска книжевност. Иако скромен по обем придонес, сепак од огромно значење, е бесценета поезија на Даница Ручигај од нејзините две стихозбирки „Сребрени ноќни игри” и „Заробеници на ветрот”, од кои втората е издадена постхумно. Поезија – видена од нејзините очи, од очите на една девојка, сведок на мигот во кој живее, а далековида за настаните и животот, емоциите, љубовта, страста – преточени во стихови, кои најпластично ја покажуваат големината на Даница Ручигај како зрел и искусен поет за кого тајните на стихот не се тајни, туку решение на продуховеноста на зборот.

Кратка биографија

Даница Ручигај е родена на 5 мај 1934 година во Скопје. Учи класична гимназија, каде што ги изучува старогрчкиот и латинскиот јазик и од најрана младост се запознава со магијата на грчката митологија и култура. Тие ќе станат нејзини духовни координати преку кои ќе се развива нејзината повеќеслојна, изнијансирана и продлабочена личност. Извесно време поминува во Грција која ќе ѝ остави длабок впечаток и ќе влијае врз нејзината интима и поетски развој. Неретко за тоа патување ќе им речеше на своите колеги, тогаш веќе оформени писатели: „Кога ги читам делата на старите Грци имам впечаток дека сум живеела тогаш, многу, многу одамна, со еден збор, отсекогаш сум живеела”.

Покрај класичното, образованието го дополнува и со широк дијапазон на интереси, како кон наследените цивилизациски придобивки во литературата, така и кон актуелното творештво на овие простори, во кои автентично, во творечки грч и екстаза, се раѓаше младата македонска литература и уметност. По завршувањето на средното образование, студира на Филозофскиот факултет во Скопје, каде што дипломира југословенска книжевност, со што трајно и професионално се врзува за поезијата и за книжевноста. Својот краток работен век го поминува во Министерството за култура на Македонија.

Даница Ручигај своите први песни ги објавува во 1955 година во познатите литературни списанија „Современост” и „Разгледи”, а нешто подоцна се појавува и во периодиката од другите јазични подрачја на некогашна Југославија, афирмирајќи ја преку нив младата македонска поезија.

Нејзината прва стихозбирка „Сребрени ноќни игри“

Во 1960 година ја објавува својата прва стихозбирка „Сребрени ноќни игри”, во издание на Книгоиздателството „Кочо Рацин” со што стана првата македонска поетеса со објавена книга. Низ целата стихозбирка, која им ја посветува на мајка си и на својата сестра Златица, провејува една и единствена нишка – водич што ја насочува Даница кон најинтимните, најискрените катчиња на младата моминска тајна – љубовта. Љубов која постои, сурова, нежна, скриена, желна, недопирлива, несфатена, лута, неосвоива, мрачна, тажна, среќна, прижелкувана.

Сите оние скриени момински посакувања и желби преточени во стихови, во надежи, но не и исполнувања. Љубов вечно присутен императив на вдахновение и секогаш помалку разочарувачка ако на неа не е одговорено. Љубов премногу вистинска за да биде дофатена, допрена и преточена во реалност, а не длабоко скриена некаде во пазувите, таму во мрачното место на дното на срцето. Љубов никогаш јавно изговорена, кажана, возвратена.

Мотивот на првата стихозбирка и како настанала

Тажната љубов ја знаат само морињата, но тагата не смее да ја види никој, да ја дознае никој дури ни очите не смеат да ја оддадат. Девственоста на невозвратот не се издава и тоа е скриено со превезот на ноќта, сребрената ноќ која само очите можат да си дозволат да ја направат игра во која ќе може се да се каже и да се почувствува. Но, како што и прологот на стихозбирката кој самата поетеса го насловила со зборовите:

„Ако влегуваш во овој храм

во кој љубовта е вера

помоли се”

почитуван читателу, не заборавај при влезот во храмот и со љубовта како вера да бидеш подготвен и да загубиш. Губењето е „стравотен амбис фрлен в срце од претчувства”. Затоа целата прва стихозбирка ни открива еден свет во кој не може да допре само оној што не располага со доволно чувства кои овоземното го претвораат во надземно, бестелесно, надреално суштество достапно само за сознанија на невозвратената љубов.

Не е ни малку чудно што и стихозбирката носи наслов „Сребрени ноќни игри”, затоа што Даница најчесто ноќе ги чувствувала поривот и крикот на поезијата во себе и во превезот на ноќта ги запишувала своите стихови подоцна подредени во збирка и објавени.

Ненајдената и трагична смрт го згаснува поетскиот пламен, но тој продолжува да гори и после неа

Девојката, полна со живот и желба да го живее животот и секој негов миг, беше судбински прекината со нејзината ненадејна трагична смрт во катастрофалниот земјотрес на 26 јули 1963 година. Во цутот на младоста, на само 29-годишна возраст, се прекинаа созреаната поетска мисла и вдахновение на оваа млада поетеса. Само неколку недели пред судбинскиот смртен час чекаше да види дали е прифатена нејзината втора стихозбирка „Заробеници на ветрот”.

За жал, не го дочека позитивниот одговор, па збирката беше објавена постхумно од истиот издавач, но онака како што самата авторка ја беше подготвила и предала за печатење непосредно пред својата смрт.

Втората збирка „Заробеници на ветрот“ – посветена на љубовта 

И втората збирка „Заробеници на ветрот” ѝ е посветена на љубовта, но видена позрело, со очите на прекален стихописец и познавач на бескрајните тајни и длабочини на зборот. Добро запозната со творештвото на Хомер, Еврипид, Софокле и на Сапфо, вдахновена со грчката митологија и дуализмот во неа, Даница веќе сигурно гази по стапките на бесмртноста. Одвојувањето на душата од телото и самата го претскажува во своите постхумно објавени стихови во кои овоземното се спојува со небесното.

Потресно искажаните зборови во вид на песна во песната „Оплакување”. Како некоја меѓепсана рака да ѝ го покажа патот на нејзиниот крај. Како да претчувствуваше дека животот ѝ е при крај. Како некој таинствен глас да ѝ шепотеше да се пресели во царството небесно и да стане муза на недовршените, недопеани стихови. Она што е убаво и на Господа му е мило. Во Царството Божјо има место за бесмртните. Земскиот живот е само миг! Сите ние сме гости на овој свет, но великаните никогаш не умираат.

„Нека се помоли секој на својот бог

и нека се покори пред овој живот

со почит на љубовта

оти звуците на умирањето

ми ги искорнуваат

синооките замечтани денови”.

„Заробеничката  на ветрот”, очевидецот на  „сребрените ноќни игри”, веќе 40 години талка во меѓупросторот, во бестелесното и телесното, земското и божественото.

Застапеноста на поезијата од Даница Ручигај

Даница Ручигај остави зад себе по обем скромен поетски опус, но таа е неодминлива вредност во речиси сите антологии на македонската поезија и лирика. Многу високо и со посебен пиетет е застапена во „Антологијата на современата македонска поезија” („Антологија савремене македонске поезије”) од Димитар Митрев („Матица српска”, Нови Сад, 1977 година) со седум песни („Осаменост” „Љубов”, „Името ти е ма”, „Последна игра”, „Импресија” и „Едно утринско враќање”).

Во зборникот на повоената македонска поезија „Огнови и време” на Тришо Стојановски и Петре Бакевски (НИО „Студентски збор”, Скопје, 1969 година) со две песни: „Импресија” и „Привидување на сенки”, во антологијата на македонската љубовна лирика „Направи чудо од мене” од Санде Стојчевски. Во изборот песни на југословенските поетеси на англиски јазик „Special Yugoslav Women’s poetry number” (Guest editor: Ajsa Zahirovic) во 1985 година.

Во збирката „Песни за Скопје” на д-р Васил Тоциновски во 2000 година („Во Катланово”), во „Убавите жени” на д-р Васил Тоциновски во 2001 година („Импресија”) и др. Покрај тоа, во 1993 година, по повод триесетгодишнината од нејзината трагична смрт Книгоиздателството „Феникс” од Скопје ја објавува книгата „Поезија” на Даница Ручигај, во која на едно место се препечатени нејзините две збирки.

Што рекле за поезијата на Даница Ручигај?

За поезијата на Даница Ручигај многу афирмативно се имаат искажано истакнати литературни критичари, а нејзините песни во изминатите четириесет години континуирано со помали или поголеми паузи се присутни во медиумите, на поетските манифестации во земјава, и се инспирација за повеќе нови литературни, сценски и други творби на новите генерации.

Таа, Даница Ручигај, со својот сензибилитет, некомформизам, творечка енергија и животна храброст, непомирувајќи се со патријархалните предрасуди и стереотипи за жената на овие простори, ја подотвори вратата низ која достоинствено и со дигнитет ќе тргнат повеќе модерни, самосвесни и еманципирани жени на македонската поезија. Таа и најхрабрите по неа се изборија за рамноправно создавање на жената во најсуптилната сфера во уметноста – поезијата, дарувајќи ни возвишени плодови на поетското создавање, збогатувајќи ја комуникацијата меѓу двата пола и облагородувајќи го светот во нас и околу нас.

Нејзината појава и творечка енергија се авангарда во тој период

Во тоа време преполно со табуа, нејзината појава и творечка енергија преточена во стихови, претставува авангарда. По малку шокантна, но искрена, чиста без задни мисли типично девствена. Скриена длабоко внатре во душата, но достапна за оној што сака да проникне и да осознае нешто што било недостапно, а сепак на дофат. Сите оние што се нафатиле да ги преточат своите чувства во стих, по Даница Ручигај, се само наследници на еден млад но зрел поет каков што беше Даница. Од нејзините стихови и денес црпат енергија за своите дела. Зашто, нејзините стихови се учебник за вдахновување, продуховување, потсетник на минатото и пасош за иднината за генерациите млади поети.

Книгата „Сребрени ноќни игри & Заробеници на ветрот”, која се појавува по повод 40-годишнината од трагичната и прерана смрт на македонската поетеса Даница Ручигај, е обид да се претстави сето она што таа го создаде, или поточно, го испеа. Во неа, покрај песните што се објавени во двете стихозбирки, се наоѓаат и нејзините последни две песни („Кругови” и „Без наслов”) пронајдени во урнатините на нејзиниот дом на улица „Водњанска” непосредно по катастрофалниот земјотрес.

 Покрај тоа, за првпат се објавуваат и факсимилите на некои нејзини песни, а во прилогот, насловен „За Даница”, е забележано речиси сето она што во изминатиов период е напишано за неа и за нејзиното творештво.

Извор

Напишете коментар