Од осаменост нема спомени – Менче Кадинец

Не беше тоа живот.

Тоа беа четири ѕида, телевизор, вести тешки, филмови.

Поглед кон прозорецот.

Таа се изгуби во свемирот.

Само сонот ѝ остана.

Чмаеше, минутите ги броеше, со болка во себе.

Се изгуби во лавиринтите на животот.

Сонот кој ѝ остана само го сонуваше.

Ѝ го снема брановидниот живот,

насмевките, а беше човек со планови,

Убавиот живот остана на дното прикриен.

Мораше да се лиши од она што ја правеше жива,

весела, мислите ѝ беа украдени, грди.

А времето и тоа запре, запре, застана како ѕид.

Проба да помине низ него, ама не можеше да помине од другата страна.

Како виолина истите песни ги пееше,

понекогаш потонуваше во нив.

Таа не беше таа.

Таа постана грда во мислите оти животот ѝ го крадеа.

Како должник беше.

Се обратен тек имаше, сѐ потешко стануваше.

Свилината на животот како змија се завитка во клопче.

Не се одвиткуваше.

А беше жена, беше човек, беше душа, беше срце, беше сѐ човечко.

Или опколувањето се погоди такво.

Ѝ ги завиткаа нејзините мисли,

ги стуткаа како парче хартија, како таа да е ништо.

Сѐ што ќе посакаше во обратен правец заминуваше.

Желбата за убави заби полеани со насмев  потона.

Не бараше многу а идеите се превртуваа.

Има ладни луѓе, ќе те испреплетат заборавајќи дека си ти, Ти, а тој е друг.

И така бесчувствително ти го редеа животот, ти ги рушеа идеалите.

Спиеше во креветот, барајќи се себе си,

а од спиење нема Спомени.

Обвиткана во осаменост а од осаменост нема Спомени.

Животот замре!

Менче Кадинец

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?