Skip to content

Текст без наслов – Наталија Наумовска

Почетен збор и прва реченица. Многу неинвентивна воведна реченица, признавам. Сепак продолжуваш да читаш за да видиш следно што сум напишала. Во надеж дека ќе пронајдеш некоја оригинална идеја, можеби ќе се задржиш за воведот и нема да му дадеш шанса на продолжетокот. Моментално ги читаш овие букви и си помислуваш: „Какво губење на време!“, не е можно половина минута да трошам на ова. Што сакаше да прочиташ? Кои зборови посакуваше да ги видиш за да ти ја заголицкаат фантазијата и имагинацијата? Што очекуваше од текстот без наслов? Безвредна содржина и залудно прочитани реченици? Не би смеела да си го дозволам истото.

Во обид да го задржам вниманието на читателот мислам дека успеав, сега следува уште потешкиот дел. Ова не е само еден обичен текст без наслов. Не е ниту веќе видена новинарска статија во која нешто се информира, се изнесуваат факти или податоци. Текстот без наслов е напишан толку спонтано што дури ни самата не знаев што сакам да напишам. Токму затоа ми е драгоцен. Бидејќи дозволува слобода, имагинацијата плови низ замислените врати, мислејќи која следна да биде отворена. Ја одбирам онаа чијашто позадина ми е непозната. Досега неотворена врата на која клучот ѝ недостига, но се обидувам да го пронајдам. Имате ли вие такви врати во својата имагинација? Од кои можеби се плашите за да дознаете што се крие зад нив? Или едноставно не сакате да ги отворите токму поради она што се крие откако ќе го свртите клучот?

Сите имаме такви врати, од двата вида. Само најхрабрите влегуваат во двете, не плашејќи се дека ќе останат заробени таму. Го пронајдов клучот целиот испрашен и со пајажина, одамна никој не го користел. Внимателно ја избришав неговата површина и го ставив во бравата. Отклучив, а вратата крцкаше и полека се отвори. Сакаш да знаеш што видов во тој момент? Ги видов сите соништа на едно место, некои со пајажина, некои покриени со понекоја крпа која случајно се нашла таму.

Просторот личеше на подрум од заборавени соништа, на мечти недосонувани, на прерани откажувања. Ми дојде да плачам што од радост, што од тага. Од радост бидејќи конечно ги пронајдов иако заглавени некаде во темниот простор. Тагата не можеше да се скрие токму поради жалењето што ми беше потребно толку време. Ги прегрнав сите. И радоста и тагата, но и сите подзаборавени соништа во подрумот.

Не се враќаме во минатото отклучувајќи ги своите подруми на неостварени соништа без да направиме нешто. Учиме да ги прифатиме, а потоа да видиме што можеме да направиме во тој истот момент кога сме ги откриле. Кога се потсетуваме за што сме се бореле, што сме замислувале, што сме посакувале. Списокот е предолг. Зедов еден лист хартија и почнав да ги редам на него сите нешта што ги гледав позади таа одамна подзаборавена врата. Текстот без наслов, накрај себеси ме остави без зборови бидејќи ни самата не претпоставував што ќе извади од мене овој творечки обид. За мене ова беше како патување во непознат правец чијшто видик честопати накрај ме остава воодушевена.

Напишете коментар