Skip to content

Куќа виолетова – А. Лефкоска

Крадец сум на стихови и соништа,
невидливо, кришум ти влегувам ко мисла во потсвеста.

Не зборувај со мене,
узмини ме,
ќе ти го пореметам животот,
ќе ти ги сменам видиците
па нема да знаеш веќе што е црно, а што бело
и што е со ветерот донесено,
а што со судбина однесено.

Не зборувај со мене – комплицирам,
за љубов, живот, смрт, душа – дебатирам,
ги цитирам Оскар и Вирџинија,
ти ја мијам душата небрусена.

Застани ама, не си оди,
да седиме во тишина
дур не прозбориш и ми кажеш
како мајка ти ги делела децата,
и како потоа на едно по едно им ги кршела срцата.

Да ми речеш: “Да знае дека сум со тебе
ќе се откаже од мене ама гајле не ми е
за жена што одамна се има откажано од себе – па дете ѝ е криво
што за ситна раја продала живот.

А ти, крадец си на стхови и соништа,
невидливо, кришум ми влегуваш ко мисла во потсвеста,
таму ме тераш да размислувам,
ко никој пред тебе што не ме засакал –  да се засакам.”

Ти разлеав стихови и соништа,
ти ја украдов душата и побегнав со неа.

Ни изградив куќа виолетова на сред шума послана
за да се свртиш назад штом ќе заминеш и да зажалиш што не остана.

Напишете коментар