Skip to content

Што ти вели тебе душата за мене? – Лина Димоска

Те прашав еднаш,
така, на средина те прекинав,
дур’ ме бакнуваше,
дур’ душите на мостот најубав ни се среќаваа
“Ама, кој си ти? Јас не те познавам.
Ништо за тебе не знам.
Нит’ што си учел.
Нит’ што си завршил.
Нит’ омилена песна која ти е.
Јас, ништо за тебе не знам.”.
Ме погледна нервозно.
Очи преврти.
Јас знаев дека уништив.
Знаев дека во најубавото прекинав.
“Остај ти тоа. Ме знаеш ти мене.
Убаво ме знаеш.”, ми одговори.
Јас уште позачудено гледав во тебе.
Демек, не ми беше јасно што ми зборуваш.
“Што ти вели тебе душата за мене?
Што ти зборува?”, ме праша.
А мене, душата за тебе не ми зборува.
Ништо не ми вели.
Мене, душата ми пее за тебе.
Таква песна само еднаш се слуша.
Јас не ти одговорив.
Ги затворив очите и продолжив да те бакнувам.
Таквата песна само преку бакнежот се слуша.
Не се изговара.
Не се пишува.
Не се чита.
Со душата се чувствува.

Напишете коментар