Skip to content

За една стара, незавршена приказна – Втор дел

Каде и да одиш мене ќе ме носиш
на секоја достигната станица
ко неизречена приказна,
ко изгореница,
ко проклетија,
ко атеист в срце светица.
Во сите градови и села кај што срце твое ко птица ќе прелета,
во сите планини кај што душа твоја ќе моли да процвета,
ќе ме носиш ко маѓепсник крв земена од девица,
ко скоро – човек со две лица.
Ќе ме гледаш в огледало,
ќе ме вкусиш во кафето,
ќе ме помирисаш во ветрот и ниту гревот нема да може да ти ја избрише трагата
ниту сопствените мисли поради таа загуба – тагата.
Ќе ме наоѓаш на ивицата на креветот на жената од минатата вечер,
ќе ти текне дека мене ме виде позади во огледалото штом кошулата ѝ ја слече,
ќе ме видиш во бемките на градите и низ магијата на прстите што преминуваат по бутовите.
Ќе ме видиш во шумите,
во пустините,
низ ветровите песочни на Египет
во екот на камилите,
ќе ме најдеш во градот зараснат на сред џунглите во Индија што го штитат мајмуните.
Ќе ме допреш низ воздухот на твојот сакан Техеран и ко бран ќе те обвијат сеќавања
на младоста одамна замината.
Ќе сакаш да исповраќаш, да не признаеш,
ќе лажеш, ќе пцуеш, усни ќе гризнеш само да не ме побараш
таму во душата кај што од страв ја криеш љубовта.
Колни ме,
молчи ме,
смеј се иронично и дозволи животот нека те залаже
ама таа рана што ја имаш од мене на себе никогаш нема да зарасне.
Јас сум длабоко доле
или високо горе,
а ти уште бегаш од спомени ко виор со нозете боси,
ама каде и да одиш нема да ме стресеш
каде и да одиш мене ќе ме носиш.

Напишете коментар