Skip to content

Да ти се случи таа проклета песна – Лина Димоска

Знам колку ја сакаш таа проклета песна.
Несреќна.
Тажна.
Да потажна да не може да биде.
Затоа,
да не стори Господ,
ако некогаш со друг застанеш
пред олтарот што мене ми го вети,
јас суетен ќе бидам ко никогаш.
Да ти се случи “Tu noč kad si se udavala” од Прљаво Казалиште.
Ете точно така ќе те проколнам.
Да плачеш.
Очите солзи полни да ти бидат.
Да се уништиш.
На сите да им велиш од среќа дека е.
Од радост дека плачеш.
Ама и тој да знае дека по мене душата ти гори.
Дека тие солзи не се радосници,
туку се последните солзи за мене.
Или првите.
Или солзи што никогаш нема да престанат да течат.
Затоа, аман нека не ти се случи таа проклета песна.
Оти ако ти се случи тебе,
ќе ми се случи и мене.
Аман нека не ти се случи таа проклета песна
што толку многу ја сакаш.
Туку оди,
облечи ги сандалите со боја на месечина
и дојди си кај мене.
Дојди си до мене.
Со мене.
За двајцата да лееме солзи радосници.
За да не мора да помислам колку си тажна
на најсреќниот ден.
За да не ме потсеќа таа проклета, убава песна на тебе.
За да не мора да ти речам
“Стисни заби, не плачи.”
За да не чекаме нареден живот.
За да биде во овој.

Напишете коментар