Skip to content

Битола

Жуборка Драгор во срцата на сеништата на старите војници кои се бореле над манастирските ридови. Град си била Манастир, бедемски заштитен каде мачениците скришно се молеле да не те освојат, нo ти толку безгрижно си се подавала на војските, толку благо паѓале твоите бедеми и не си се срамела да ја покажиш твојата убавина. Коси си расплела низ пелагониските низини, жито низ чаршијата, изворски води во срцата на работниците кои те пиеле жедни после вкусното шкебме низ меаните за кое надолго се зборувало.

Се пеело и играло до раните утра, се раскажувало до сиитните саати за чобарџулокот и срамежливите познанства кои преминувала во вистински љубови. Таму, на славното Корзо се разменувале погледи и чиниш животот е само миг. Свадби се правеле низ славните мааала за кои се прескажувало со денови, зурлите и тапаните одекнувале до Тумбе Кафе, а невестите се поклонувале пред свекорот за да покажат чест, се забричувале зетовите да бидат стројни, убави, сонце да ги грее кога ќе заиграат оро.

 Се пееле песни свадбарски, некогаш било весело, некогаш тажни биле разделбите со родителите, но и погледите се разменувале на ората развиени, се договарале средби скриени, потајни за младите кои едвај чекале да се видат, да си ја осетат радоста зошто ти само за радост си родена, во песни опеана, во срцата зачувана.

Остануваш таму да живееш во сите оние кои барем еднаш те погледнале, еднаш пиеле кафе на Широк Сокак, само еднаш поминале низ славните сокаци и ги помисале липите те носат во срцето засекогаш, граду оживен во песните, Битола граду на боемите, граду на серенадите и чалгиите, бесмртен споменику на една вечна младост!

Напишете коментар