Skip to content

Ме сакаш? – Лина Димоска

Никој никогаш не ме прашал толку директно,
ко ти што ме праша тогаш.
“Ме сакаш?!”
А мене ко гром од ведро небо да ме погоди.
Јас сè очекував од тебе
освен такво прашање,
освен тоа прашање,
дали те сакам.
И молчев.
Се правев демек не слушав,
се правев демек не разбирам.
Оти јас никому не сум кажала “Те сакам”
Овие два збора се многу ветувачки.
Рушат тврдини,
преминуваат планини,
реки плепивуваат,
ама и замрзнувнуваат души,
кршат невини срца,
рушат цели светови.
Јас моето “Те сакам” ти го премолчив.
Го премолчив ко за тебе што молчам,
ко што молчам за очите твои,
за душата твоја убава.
Јас “Те сакам” ти го премолчив,
ко ти што молчиш за мене,
ко што молчиш за бедрата мои,
ко што молчиш за стиховите мои за тебе.
Ако уште еднаш ме прашаш дали те сакам,
јас нема да ти кажам “Те сакам”.
Ќе речам “Заљубена сум во тебе.”
Оти заљубеноста поминува,
ко ние што ќе поминеме,
ко што ќе нè нема.
Затоа, ако уште не знаеш дали те сакам,
прочитај ги моите стихови.
Кој друг толку стихови ти поклонил?
Види ги ѕидовите што си ги срушив.
Кој друг така си ја соблекол душата пред тебе?
Побарај ми ја душава, ако ти треба
и јас ќе ти ја дадам.
И пак нема да речам “Те сакам”.
Не е тоа од инает или од лутина.
Од страв е.
Од страв некому да речам “Те сакам”.
Да речам, а потоа да разочарам.

Напишете коментар