Skip to content

Мајчинството – Маринела Станковиќ

Мајчинството не е испит ни лекција да седнеш и да го научиш, тоа се учи секој ден. Нова пресвртница, нова патека, нова улога. Професија за цел живот. Со новата улога и се околу тебе добива друга димензија. Кога станав мајка сфатив дека детето е центар на универзумот. Една точка околу која сѐ се врти. Дури и додека е во утробата под мајчиното срце.

Го гледаш, восхитуваш, му се радуваш, од друга страна се плашиш дали добро го разбираш тоа мало човече. Тоа мало човече те учи да созреваш, ти дава искрена љубов. Тоа растеше, а јас секој ден со него созревав. Тоа ми ги направи ноќите подолги, животот поубав. Уживав додека лежеше на мојата града, пиеше мајчино млеко, заспиваше најслатко. Си го земаше секој атом од љубовта на моето тело.

Мама секогаш му дозволуваше да си ручка кога и каде сакаше. Децата не знаат дали некој ги гледа или има некоја пречка. Тие сакаат ВЕДНАШ и ТУКА. Мајчинството ме научи дека од некои работи не треба да имаме срам. Еднаш додека бевме во парк тие мали бадемови очиња побараа храна, мама без да размислува почна да си го храни. Но, едни грациозни баби во поодминати години почнаа да дофрлуваат „оваа е тотално луда“, види зарем тука се храни дете, нека си понесе флашичка.

Иако немаше никој и покриена на страна сепак не престануваа да гледаат и да се чудат. Во мојата глава само се вртеше ако тие немаат срам да те гледаат, ти нема да имаш срам да ја вршиш најубавата работа. Мене ми беше срам што тоа го слушав од жени. Само се насмевнав. А тоа медено устенце продолжуваше да си ужива во мајчиното млеко.  Од тој ден и секој нареден до скоро 3 години мојот син секогаш кога ќе побараше храна јас му давав.

Ако не е срамно да одиме по купаќи на плажа, не е срамно и детето да си го наполни мешето. Мајчинството ми покажа колку многу стравови можам да доживеам, без да бидам свесна дека постоеле. Ме научи колку срцето трепери кога ќе слушнам: „Те сакам мамо“. Мајчинство е најубавата бесплатна работа на светот.

Користете го секој ден со вашето дете, тоа нема да се сеќава колку играчки сте му купиле, туку колку време сте поминале со него. Мајчинството е прекрасно, бидејки од сите жени на светот тоа мало ангелче те избрало тебе да му бидеш мајка.

Маринела Станковиќ

Напишете коментар