Skip to content

Жолт сон – Николина Ќорвезироска

  • by

Ме нишка ветрот со сила на секојдневието,
ме заспива на градите на мојата земја,
на мојата трева, пред мојата зграда.

Како врба лисје, како глуварче,
ми ги дува и растерува песните.

Тие се разлетуваат по улиците,
накитени со цветови, изгазени со лесни чекори
чекаат да ги најдам и да ги запеам на цел глас
…а глас немам ….гласот ми е перо.

Зад секој агол нова песна,
а некаде купчиња собрани измешани
и старите и новите како пријатели одамна невидени,
ме враќаат во школските клупи,
станувам и без прекор, рецитирам
повторно истите песни и поети,
но сега растат цветови во училницата
сѐ е во жолта боја.

Жолти се и буквите и поетите
зрачат со светлина.

И сонот има жолта боја
Ми свети како светулка занесена во ноќен танц,
зарем се раѓа уште една нова песна ,
знам..
дека е уште една што чека да скита,
додека јас сонувам…

Николина Ќорвезироска

Напишете коментар