Skip to content

Индиго – Драган Атанасов

Разбуди се!

Ќе изгориш уште љубов несторен!

Па животот не ти пуштил сенка

За да се засолнеш.

На ледина зелена си каде

Трнот шири мирис на опој и пир

А те мами ширното небо знам

Па ќе се скриеш во шумата густа

Со диви костени распослана сета

До недоглед!

Таму ќе чезнееш за некои туѓи воздишки

Од души што лик не им знаеш

Ќе вртат игри детски

Од костен на костен

Сѐ дур утрата не ти згорчат на анасон.

Каков прекрасен свет!

Бодеш со својот шестар

Лисја полни метафизика

И со секој убод

Бегаат буквите

Како пијани наконтени боеми

Не знаејќи како да се наредат

За да чинат збор.

Наследиле живот

А ќе купат и втор.

Излегуваат сега сите.

Сите оние горили подбивни

Што воденички камења

Ти создаваат во стомакот

Само што рикот ѕверски ќе им го чуеш

И оние долгоноси риби сабјарки

Со кадрици смешни

Вистинско лудило

И животински виеж.

Стави еден лист под сонцето сега

Додека уште зраци плетат прсти

Низ крошните густи

И стори небиднина

И прецртај си го ликот цел

Со линии темни и цврсти

За навек.

Драган Атанасов

Напишете коментар