Skip to content

Заробеник на своето сивило

Пригушената светлина од светилката ја осветлуваше само неговата страна од креветот. Ја крена перницата и си го потпре грбот на неа. Уште една залудно потрошена вечер. Си ги стави слушалките в уши и ја вклучи омилената радио станица. Нејзината омилена песна започна токму во тој момент. Проклето нека е! Дали универзумот му испраќаше некаков знак со ова? Или ова беше уште една во низата бизарни случајности кои го потсеќаа нa неа? Немаше одговор на ваквите прашања. Само ја слушаше мелодијата. Ги слушаше стиховите. Збор по збор. Одекнуваа во неговите уши. Тој лежеше гол. Покриен со бела покривка до пазувите. И не сакаше да размислува за она што го направи неколку часа претходно.

Пијанството беше одличен изговор, кога стануваше збор за глупостите кои ги правеше после неа. За момент се залажуваше себеси, иако знаеше дека утехата ја бара на погрешно место. Во туѓи очи. Со прстите пикнати во туѓи прамени коса. Меѓу туѓи бедра. До него лежеше жена со прекрасна силуета и долга, црвенкаста коса. Не наликуваше на неа. Немаше кадрава коса. Нема очи со боја на мед. Ниту имаше безброј пеги на лицето. Ама и таа беше жена. Уште една во низата на оние кои ќе ги заборави веднаш штом таа ќе се исправи и ќе замине од собата. Не знаеше зошто упорно го прави тоа. Дали сакаше да ги повредува жените така како што таа го повреди него? Или вака тагата ја заменуваше со неколку минутно задоволство, а потоа пак се нурнуваше во очајот?

Стана од креветот и ги вовлече нозете во ногавиците од фармерките кои беа исфрлени некаде на подот. Се оптегна на фотелјата, веднаш до помошната масичка. Посегна по шишето водка и го накрена. Алкохолот му го затопли глото, ама не можеше да му ја затопли душата. Песните се редеа на нивната омилена радио станица, а пред очи му излегуваше сликата од неа. Ја замислуваше. Замислуваше како му танцува в скут. Како се смее. Како со леснотија ги потпевнува ситховите на старите рок песни. Посегна по кутијата цигари и запали една. Вовлече еднаш. Па го испушти чадот. Низ собата се почувствува мирис на тутун. На овој испит паѓаа сите жени. Тој седеше на фотелјата, пушејќи и гледаше во телото на жената која длабоко спиеше.

Да беше таа на нејзино место, не би спиела сега. Уште по палењето на цигарата ќе ја свртеше главата и ќе го погледнеше. Остро ќе го погледнеше и ќе ја кренеше веѓата. Тоа беше поглед за предупредување. Тој знаеше што мисли. Ќе ја изгаснеше цигарата и ќе го отвореше прозорецот за да се луфтира собата. За да помине мирисот на тутун. Потоа ќе легнеше крај неа, а таа како кротка срна ќе се свиеше во него. Ќе се стуткаше. Така ќе се стуткаше, како тој да е единствениот човек кому таа му верува. И беше. Беше. Откако се увери дека жената нема да реагира на чадот од цигарата, ја изгасна. Потоа ја разбуди жената. Налутен. Бесен. Бесен затоа што не реагирала. Бесен затоа што воопшто не наликуваше на неа.

Ја замоли да се облече и да си замине. Веќе не ги ни испраќаше жените кои секоја вечер влегуваа во таа соба. Собата на неговиот очај. Собата на неговиот мрак. Тие жени најчесто беа нечии вереници. Нечии сопруги. Беа измамнички. Ретко која од нив беше слободна. И тие, како тој, беа во потрага по нешто што им недостига. Во нешто што мислеа дека можат да го најдат на дното од празните чаши. Меѓу туѓите чаршави. Зад затворени врати. И тие и тој беа заслепени од зелените очи на неверството. Тие беа неверни некому. А тој, тој си беше неверен на себеси. Така престана да верува дека верни жени постојат. Така се повеќе тонеше во очајот. Така стануваше заробеник на своето сивило.

Напишете коментар